Промената на името на Холандија во Недерланд е без политички причини или притисоци, туку од пиар-побуди, заради подобро претставување и рекламирање на државата и не навлегува во нејзиниот идентитет, за разлика од случајот со преименувањето на Македонија, кое остава мноштво нејаснотии

Од сосема различна причина, мотив и политичка заднина, со почетокот на 2020 година, уште една европска држава официјално го промени своето уставно име. Станува збор за одлука на холандската влада, која реши од први јануари 2020 година да го отфрли од употреба името на земјата Холандија и во иднина официјалното име на државата за севкупна употреба да биде Недерланд.
Според информациите пренесени од светските новински агенции, отсега институциите, локалните власти, универзитетите, приватните компании и медиумите треба да го користат единствено името Недерланд, што во превод би значело ниска земја.
Тамошната влада верува дека мерката ќе ѝ овозможи на земјата да се ослободи од својот негативен имиџ и стереотипите дека во државата се користи дрога и има проституција.

Британскиот весник „Гардијан“ пишува дека властите исто така веруваат дека оваа одлука ќе го зголеми протокот на туристи во земјата, но истовремено и ќе ги прераспредели, бидејќи денес повеќето туристи во најголем процент ги посетуваат Амстердам и Хаг, додека преостанатите локации во државата се слабо посетени.
Дополнително, во медиумските извештаи се посочува и дека светски познатата Улица на црвените фенери во Амстердам, препознатлива по проституцијата и стриптиз-клубовите, ќе се избрише од градските ознаки и тоа ќе биде заменето со историското име на местото – Де Вален.
Процените се дека реформата за промена на името на земјата ќе го чини кралството најмалку 200.000 евра.
Англискиот весник „Индипендент“ на оваа тема заклучува дека одлуката за преименување и ребрендирање на државата става крај на повеќедецениската конфузија и е договорена од страна на сите засегнати страни, вклучувајќи ги и централната власт, одборот за туризам и бизнисмените.

– Оние што стојат зад промената, практично сакаат суштински да ја ребрендираат земјата на меѓународната сцена, каде што веројатно почесто се користи името Холандија. Ова особено се однесува на владините министри, кои сакаат да ја обноват сликата за државата. Исто така, иако знамето на Холандија е црвено, бело, сино, сега портокаловата боја ќе е видливо користена во брендирањето на земјата како Недерланд. Холандските власти објавија дека портокаловата ќе стане официјална боја на земјата, но не се знае дали ќе биде задржана иконата на лалето, кое е заштитен знак за земјата. Меѓу првите употреби на Недерланд во поголема промотивна кампања ќе биде на натпреварот за песна на „Евровизија“ во 2020 година, чиј домаќин ќе биде Ротердам. Недерланд, исто така, ќе се користи на сите материјали поврзани со Олимписките игри во 2020 година во Токио, како и во името на фудбалската репрезентација на земјата – пишува весникот.
Според министерот за економија Ерик Вибис, Недерланд има најконкурентна економија во Европа, и е силен носител на иновативни решенија на техничките и социјалните предизвици и поради тоа Холандија мора да исчезне. Вибис го пренесува и мислењето на Владата дека прекарот Холандија, за разлика од Недерланд, предизвикува премногу клишеа, како што се кломпите, лалињата, ветерниците и марихуаната.

Од друга страна, политичките аналитичари со кои се консултиравме во сублимиран заклучок велат дека актуелните примери, со промената на името на нашата земја и преименувањето на Холандија, воопшто не можат меѓу себе да се споредат.
Тоа е така, велат аналитичарите, бидејќи Недерланд по сопствено убедување и по сопствен мотив го исфрла од употреба името Холандија, а во нашиот случај преименувањето на земјата е извршено на штета на идентитетот на државата и народот, но во корист на националните интереси за зачленување во ЕУ и во НАТО.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски вели дека оваа европска држава веќе подолго време ги користи и двете имиња (Холандија и Недерланд), а сегашната одлука во суштина нема никаква драматичност.

– Тоа е суверена волја на оваа држава, која не е предизвикана од никакво мешање однадвор, а сето тоа е обичен политички чин и ништо повеќе. За потсетување, во светот има повеќе случаи кога државите на еден нормален и автономен начин ги менуваат своите имиња, а од кои причини тоа се прави воопшто не е важно. На времето беше познат случајот со Бурма, која се преименува во Мјанмар, но тоа не предизвикува никаков интерес и турбуленции ниту иницираше подлабоки анализи. Од друга страна, Македонија беше прекрстена, понижена и навредена од странскиот фактор, кој ни постави бескруполозна блокада на нашите евроинтеграции и изврши уцена и ултиматум под кој ние се прекрстивме затоа што во спротивно ќе останевме изолирани на Балканот. Тоа е комплетен случај на користење сила на главните меѓународни фактори, кои цело време зборувајќи за некакви човекови права и владеење на правото, всушност, вршат реализација на нивните интереси во кои безобѕирно користат сила – вели Никовски.

Политичкиот стратег Синиша Пекевски смета дека не може да се изврши никаква споредба на процесите за промената на имињата на Македонија и на Недерланд.
– Тоа е невозможно да се спореди бидејќи станува збор за актуелно случување во Европа, во кое едната држава што е економски моќна и влијателна го менува своето име од економски причини и мотиви за подобрување на својот имиџ во светот, а во вториот случај говориме за нашата земја, која е сиромашна, територијално мала и политички невлијателна. Во холандскиот случај со смената на името на државата, која и онака ги користеше и двете имиња, не се менуваат идентитетот на народот и јазикот, а во Северна Македонија сѐ почесто ги слушаме термините северномакедонски народ и јазик. Нашиот случај повеќе може да се спореди со Кореја, каде што една земја престана да постои и се формираа две држави (Северна и Јужна), кои денес се сосема спротивни идентитети на меѓународната политика во секоја смисла на зборот – заклучува Пекевски.

[email protected]