Крадците користат метални шипки, хебли, клешти, топокршачи...

Крадците не мируваат и постојано оперираат по станови и по куќи. Избираат најразлични начини, користат секаков алат и сѐ што може да им послужи како алат за да влезат во домовите на скопјани и да ги ограбат. Податокот дека во првите три месеци од годинава беа ограбени 500 дома во главниот град, покажува колку навистина сите се небезбедни додека се на своите работни места или воопшто отсутни од дома. Грижата станува уште поголема сега кога летово сите планираат да ги користат годишните одмори и подолго да отсуствуваат од дома. Кому сега да му ја доверат грижата за чување на нивниот дом.

Од МВР неодамна ни потврдија податок дека само во полициската станица во Аеродром за три месеци биле евидентирани 114 кражби по куќи и по станови, а во Центар забележале 110 кражби. Токму сето ова ги наведува граѓаните на размислување како да ги обезбедат своите домови и да не мислат кога се далеку од нив. Кое решение да го откријат за кога ќе заминат да бидат без грижа. Дали да постават некакви сигурносни брави или можеби спас може да бидат сигурносни камери. Станарите на некои станбени згради по вакви случувања се организираат со заштита на влезните врати со безбедносни системи, домофони за да се знае кој влегол во нивниот објект. Многу од граѓаните често велат дека би биле побезбедни доколку по нивните улици шетаат реонски полицајци или воопшто ако по улиците има повеќе полицајци што ќе бидат одговорни за безбедноста или можеби доколку државата и институциите направат многу повеќе отколку досега.

Но крадците постојано смислуваат и наоѓаат начини како да влезат во нечиј дом. Ги прашавме во Министерството за внатрешни работи како најчесто влегуваат, какви брави обиваат најлесно, а кои домови им се потешки за провалување. Што најчесто одземаат од домовите на скопјани. Она што можеби звучи интересно е дека провалниците не ги интересира технологија, не крадат телевизори, мобилни телефони или лаптопи. Најчесто одземаат и бараат накит и пари, а поретко уметнички вредни предмети. Од МВР потврдуваат дека во 2018 година на подрачјето на градот Скопје, пријавени се четири кривични дела „тешка кражба“ во кои се одземени уметнички слики.
– Начинот на извршување на кривичните дела е различен, но најчесто крадците влегуваат по станови со качување на балконите, влегуваат од терасите и притоа употребуваат погоден алат или влегуваат насилно со употреба на физичка сила, односно насилно ги отвораат балконските врати. На ист начин со употреба на погоден алат или со употреба на физичка сила насилно ги отвораат влезните врати на куќите и на становите и со употреба на специјален алат дејствуваат на бравите и ги отвораат влезните врати – објаснуваат од СВР-Скопје.

Крадците за да ја остварат намерата многу внимателно и ревносно најпрвин прибираат информации за сопствениците чиј стан целат да го ограбат. Ги следат и демнат момент кога тие се отсутни за да ја реализираат намерата. Користат најразличен алат за да провалат и потоа ги пребаруваат целиот стан или куќата. Ограбените веднаш штом ќе влезат и ќе ја забележат оваа слика стануваат свесни за слученото.
– Сторителите за извршување на овие кривични дела користат метални шипки, хебли, клешти и друг специјализиран алат, како топокршач, чешел за обивање цилиндар и слично. Сторителите најчесто ја искористуваат отсутноста на сопствениците од нивните домови, при што најмногу се напаѓаат станбени објекти што немаат соодветна заштита, која се однесува на физичко обезбедување, кодирани влезни врати и поставен видеонадзор – велат од СВР-Скопје.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи, од почетоков на годинава до март, значи во првото тримесечје на територијата на Македонија, регистрирани се вкупно 700 кривични дела „тешка кражба“ во станбени објекти. Од оваа вкупна бројка само на подрачјето на главниот град биле извршени 483 тешки кражби во станови и во куќи во истиот период од јануари до март 2018 година.