Владо Димовски

Еве сме во трговскиот центар. Две пријателки пред прекрасно уредениот излог на една продавница ја тресат темата мода.
– Ми е смачено од… Се чувствувам некако чудно… нервозна сум и ми доаѓа да избегам некаде.
– Ајде да те расположам малку. Тргнувај со мене, одиме на фризер.
Овде го пронајдовме примерот во кој предлогот кај се заменува со предлогот на. Одиме на фризер. Но, драги мои, не одиме на фризер, туку одиме кај фризер. Не одиме ниту на доктор, туку кај доктор.
Со арно, со убаво!


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!