Членови на Националната асоцијација за оружје (НРА) купуваат оружје

Властите на Сан Франциско сакаат да ги дефинираат како терористи сите што не се согласуваат со нив во однос на контролата на оружјето

Џим Герахти

Живееме во време кога властите се обидуваат бесрамно и самоволно пред наши очи да го редефинираат значењето на зборовите. Управниот одбор на Сан Франциско едногласно усвои резолуција со која Националната асоцијација за оружје (НРА) се прогласува за домашна терористичка организација и со која се повикуваат другите градови да го следат нивниот пример. Резолуцијата исто така им наложува на градските службеници „да преземат секаков разумен чекор за да ги ограничат“ деловните интеракции со НРА и со нејзините приврзаници.
Прво, дали градот Сан Франциско има деловни интеракции со НРА? Дали властите воопшто се помачиле да проверат пред да ја усвојат оваа резолуција? Или, пак, можеби биле опиени од лажниот гнев за да се потрудат да прашаат?

Но да претпоставиме дека директорот на компанијата што прави портокалови сообраќајни конуси што ги користи градот е член на НРА и е голем донатор на организацијата. Дали градот ќе се откаже од договорот за набавка на нови сообраќајни конуси од оваа компанија само зашто нејзиниот челник ја поддржува НРА? Федералните судови пресудија против решенијата на агенциите за откажување договори поради перципирани предрасуди кон одредени доставувачи, дури и кога тие заостанувале со испораките.

– Објективноста мора да биде белег на секоја одлука за стандарден прекин на договорот. Затоа, вработените во администрацијата треба да запомнат да се фокусираат на фактите и да направат секаков обид да работат со изведувачот пред да преземат чекори за прекин на договорот – се вели во пресудата.
Изведувачот што изгубил работа пред сѐ поради поддршката на НРА веројатно има доволно материјал за успешна тужба.

Но да се вратиме назад на етикетата „домашна терористичка организација“. Не мора да ја сакате НРА за да признаете дека таа дури ни оддалеку не влегува во дефиницијата за „домашна терористичка организација“. Тоа што овие единаесет законодавци сакаат да го кажат е дека тие ја мразат НРА и дека жестоко се спротивставуваат на нивните ставови кон Вториот амандман и кон правото на поседување оружје. Тие можат да имаат такви ставови, но немаат овластување да прогласат некој друг за терорист само зашто има различно гледиште.
Овие градски супервизори не се ФБИ. Тие не се Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и за експлозиви. Тие не се ниту Националниот центар за борба против тероризам.

Тероризмот е кривично дело, а не само нечие гледиште. Ако сте член на „Окупирај го Волстрит“, не значи дека сте терорист. Но ако сте член на „Окупирај го Волстрит“ и ако планирате да разнесете мост, тогаш сте терорист. Ако сте поддржувач на Доналд Трамп, не значи дека сте терорист. Но ако сте поддржувач на Трамп и испраќате писма-бомби до луѓето за кои сметате дека се негови непријатели, тогаш сте терорист.
Може ли некој во Сан Франциско да сфати зошто е опасно да им се дозволи на политичарите да се изјаснуваат дека оние што не сториле кривични дела ама имаат различни ставови се терористи? Може ли некој таму да замисли како таквиот менталитет може да излезе лош за некого што го сакаат?

На пример, конгресменките Илхан Омар и Рашида Тлаиб сакаа да заминат во Израел, на патување спонзорирано од „Митфах“, организација што објавува статии во кои се тврди дека „Евреите ја користеле крвта на христијаните во еврејската пасха“; американски неонацист што извикува дека Евреите ги контролираат медиумите; лица што слават бомбаши-самоубијци; палестински терористи и киднапери на автобуси што убиле луѓе. Тука не станува збор за метафорички терористи. Омар и Тлаиб се дружат со некои навистина лоши момци. Ама тоа не значи дека конгресменките се терористки. Сепак, ако сите решиме да го следиме примерот на градските власти на Сан Франциско, тогаш можеме да ги означиме како терористки. Нема шанси тоа да биде лошо, нели?

Водачите на НРА честопати тврдат дека тие се единствената организација во Америка што редовно е обвинета за постапките на луѓе што не се нејзини членови. Си замислувам дека кога ќе го кажат тоа, некој од ТВ-мрежата на Кох, АИПАК, „Фокус на семејството“, Стопанската комора на САД или од Националното право на живот, со негодување ќе извика дека и ним не им е лесно. Сепак, сигурно е многу поголема работа ако градските власти ве прогласат за терорист.

Инаку, тоа е истата онаа градска власт што сака да ја ограничи употребата на зборовите како „сторител на кривично дело“ и „осуденик“. Некои примери вклучуваат промена на термините „сторител“ или „осуденик“ во „жител-повратник“ или во „некогашно притворено лице“. Лицето на условна слобода би се опишало како „лице под надзор“, осуденикот би се нарекол „актуелно затворено лице“, додека малолетничкиот сторител или престапник би се опишал како „младо лице погодено од правосудниот систем“.

Градските власти сакаат да им го олеснат животот на луѓето што го прекршиле законот, но истовремено сакаат да ги демонизираат и луѓето што не сториле ништо незаконско.