(Не) ги следевме знаците

Но станува интересно – не се топат само сантите мраз на половите. Се стопуваат и причините за марширање. Во Париз се претопија протестите за климата со оние на жолтите елеци и синдикатите. Климатските и социјалните промени стануваат соседни слогани и протестен амалгам во подем: климатското прашање станува системско прашање, а одговорот на климатските проблеми не може да ја заобиколи социјалната (не)правда

Пред неколку години пишував циклус песни под насловот „Не ги следевме знаците“. Не ни претпоставував (иако „знаците“ беа насекаде) дека стиховите наменети за „слепоста“ на љубовниците за текот на времето и настаните ќе го доловат духот на новото време, новиот цајтгајст. Поточно, неговиот (и наш) пораз пред климатските промени. Истоимената песна од циклусот завршува со метафората: „Времето за љубов е време на топење на мразот под нозете“.
Оттогаш до денес, односно изминатите четири години се најжешките измерени години, а последниот јули е меѓу најтоплите во историјата. Мала е веројатноста (ако воопшто) дека љубовниците се виновни за тоа. Човекот, во поширока смисла на зборот, е нешто сосема друго, но не е толку едноставно.

Додека рекордно се топат снежните капи на Земјата, од повеќе страни стигнуваат сè помрачни тонови и апокалиптични предвидувања дека е многу полошо одошто можеме да замислиме. Се чини човештвото не ја губи само капата ами и главата и буквално му истекува времето (и времето за љубов) на оваа планета.

Првпат во историјата на нашиот вид изгледа сме развиле механизми да се уништиме себеси, иако, според некои, ова е вистина уште од 1945 година – постојат повеќе процеси што на долг рок водат во иста насока – ако не до целосно уништување, секако до уништување на начинот на живот каков што го знаеме, до крајот на едно (не)пристојно постоење.

Човештвото се вари како онаа жаба во лонецот што непрекинато се загрева до усмртување, а парадигмата на неолибералниот капитализам (кој профитот „сега и веднаш“ го става пред цената што ќе мора да ја платат идните генерации) прави сè да ја именува состојбата во лонецот како поднослива, па дури и сосема нормална.
Во неговата природа (и крајно неприродно) е да ги толерира колатералните штети што носат профит и да се справува со проблемите само ако (како што порачува движењето Цајтгајст) нивното решавање е профитабилно. Во такви сценарија невидливата рака на пазарот не е сама. Тука секогаш е и другата, помалку мирољубива рака, задолжена за одржување на огнот под лонецот кога оплодувањето на капиталот не оди според планот.

Се чини легитимно прашањето чија е раката што го одржува огнот под лонецот. Кој или кои се ложачите?

Одговорот (за штетите) упатува на земјите од Г20, кои произведуваат 80 отсто од целокупните емисии на јаглерод диоксид во атмосферата, а не ги исполнуваат целите од Парискиот договор за нивно намалување. Благосостојбата на човештвото и планетата не е на приоритетната листа, ниту некогаш била меѓу центрите на моќ, сеедно што преостанатите, помалку развиените се на браникот на човештвото во борбата со климатски промени и во друштво на сè помладите – срамен потсетник за возрасните и апсурдно – единствена причина за некакво гордеење: деновиве децата го прават она што е должност на нивните родители. „Нашата куќа гори, а ние стоиме и гледаме!“, извика шеснаесетгодишната нобеловка за мир Грета Тунберг на маршот за спас на Земјата против глобалното затоплување, пред самитот на ОН во Њујорк.

Класичниот економист и поборник за слободен пазар, Адам Смит, одамна предупреди на „господарите на човештвото“ – препознаени (тогаш) во ликот на моќните англиски трговци и производители што владееле со пазарите и политиките, денес нивните наследници – моќните мултинационални компании и конгломерати во своевидна плутократска симбиоза со државни и наддржавни структури. За нив, границите се попорозни од жолтите линии во маркетите, а светот е еден недогледен маркет за вишок производи со никогаш доволно потрошувачи, сеедно (условно) пренаселен и (повторно условно) на страната на 99 проценти од населението.

„Сè за нас и ништо за другите!“ е премолчената максима на „обвинетите“ за максимизација на профитот, на која предупреди и Смит.
Чомски оваа дихотомна поделба ја сублимира на следниот начин (во „Кој владее со светот“): „На едниот крај ги имаме автохтоните, племенски општества, кои се обидуваат да ја спречат трката кон катастрофа, а на другиот крај најбогатите, најмоќните општества во светската историја, како што се САД и Канада, кои со полна брзина итаат напред да ја уништат животната средина што е можно побрзо и да ја извлечат секоја капка јаглеводороди од земјата колку што е можно побрзо… САД се единствената… што нема национална политика за ограничување на фосилните горива, која нема дури ни цели за обновливи извори на енергија.“ Не затоа што населението не сака промени туку зашто овие промени се спротивни на бизнис-интересите.

Но станува интересно – не се топат само сантите мраз на половите. Се стопуваат и причините за марширање. Во Париз се претопија протестите за климата со оние на жолтите елеци и синдикатите. Климатските и социјалните промени стануваат соседни слогани и протестен амалгам во подем: климатското прашање станува системско прашање, а одговорот на климатските проблеми не може да ја заобиколи социјалната (не)правда. Она за што Цајтгајст како концепт и движење се залага – надминување на постојната социоекономска парадигма на пазарот за одржливи профитни стапки и нивна замена со економија заснована на ресурси и одржливост во симбиоза со природата, е сè почесто на слоганите, без оглед дали се работи за климатски, економски или мировни протести.

Спротивно на третманот на заедничките добра со подемот на капитализмот и нивната радикална приватизација, се чини неизбежна радикална промена на самата радикализација, пред да се скинат нишките што нè држат заедно и за Земјата. За потсетување е дека Повелбата на шумите, донесена пред осумстотини години како придружна повелба на Големата или Магна карта, има за цел заштита токму на заедничките добра што се пренесуваат од една генерација на друга. Иако Магна карта е никулецот на основните права на луѓето, од кои многу подоцна ќе изникне Универзалната декларација за човекови права, без првата, Големата ја губи смислата. Тоа е симбиозата што во духот на новото време се чини порелевантна од кога и да е претходно. Автохтоните заедници се оние што секогаш ја бранеле Повелбата за шумите, со барање да се утврдат правата и на самата планета, на што, како што луцидно (и драматично) ќе забележи Чомски „софистицираните луѓе од Западот го исмеваат ова барање, но ако не стекнеме малку од сензибилноста на автохтоните народи, веројатно тие ќе се смеат последни – но тоа ќе биде насмевка од очај.“

Во своето детство, човештвото зависело од ѕвездите и знаците на небото, затоа погледнувал кон нив меѓу две собирања храна од земјата. Времето на ѕвездите не е времето на Земјата, но составот на ѕвездите и луѓето е сличен, а и зависноста останала иста. Опстанокот денес можеби најмногу зависи од тоа дали човештвото ќе ја крене главата од полиците меѓу две пазарења и ќе погледне во очите на децата, да види каде гледаат тие. Љубовниците од мојата песна да ги оставиме на мир, тие следат поинакви знаци. За нив секој месец е јули и сите години поминати заедно се најтоплите во нивните животи. „Тие се раѓаат слепи, а радосни пред бурата што над нив виснала.“