Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) разви посебна метода за да ги процени настапите на фудбалерите во Европа, со помош на статистиката на „Опта-про“.

Така, во конкуренција на фудбалерите од петте најсилни лиги во Европа (Англија, Франција, Шпанија, Германија и Италија) што играле барем 450 во последните 1.000 првенствени минути, Бразилецот Нејмар од Пари сен Жермен е на врвот во две категории – дриблинзи и асистенции.

Од другите, Французинот Емерик Лапорт (Манчестер сити) е прв на табелата за победени дуели, Французинот Етиен Капу (Вотфорд) води на листата на освоени топки, Италијанецот Жоргињо (Челси) е најуспешен во дистрибуција на топки, а Португалецот Кристијано Роналдо (Јувентус) во упатени шутеви. Според ЦИЕС, Нејмар е најкорисниот фудбалер (МВП) во петте лиги за овој период.

На врвовите на листите за фудбалерите што играле помалку од 450 минути во првенствените мечеви сезонава се Николас Отаменди (дуели), Милан Бадељ (освоени топки), Марко Верати (дистрибуција), Даглас Коста (дриблинзи), Кевин де Брујне (асистент и МВП на овој дел од листата) и Константинос Митроглу (упатени удари).