Македонија одигра слабо и загуби од Швајцарија со 2-3, во 3-то квалификациско коло за пласман на ЕП 2019 година

Најдобрите одбојкари на Македонија претрпеа неочекуван пораз од Швајцарија во Скопје, 2-3 (25-21, 21-25, 23-25, 25-19, 12-15) во рамките на 3-то квалификациско коло, група Ф, за пласман на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2019 година.
Македонија одигра слабо, речиси ништо не функционираше како што треба, од сервисот, неговиот прием, преку организацијата на нападот, до одбраната, односно блокот, кој како да не постоеше. Швајцарија, која барем на хартија се сметаше за аутсајдер во групата, одигра многу добро и умешно ги казни сите грешки и падови во играта на Македонија.

Жолто-црвените и во третиот меч одиграа пет сета (против Унгарија, 3-2 и Украина 2-3), што можеби е една од причините за лошата игра, по што во прашање го доведе освојувањето на второто место што обезбедува пласман во завршницата на ЕП.
Македонија, Унгарија и Швајцарија моментно имаат по една победа и по два пораза, што значи дека се во трка за посакуваното второ место. За Македонија утрешниот реванш-меч против Швајцарија е да се биде или не, што значи дека само победа ја враќа во комбинација за таа втора позиција пред завршните два меча во јануари 2019 година, на гости против Украина и дома против Унгарија.

– Ништо не беше како што треба кај нас на овој меч. Не станува збор за опуштање или за потценување на противникот, но како да немавме вистински приод, недостигаше максимална борбеност, „гинење“ за секој поен. Можеби нѐ стигна малку и заморот во најнезгоден момент, има од сѐ по нешто. Швајцарците одиграа одлично, според мене, тие се поквалитетен тим од Унгарците, технички се добри, играат брзо, борбени се. Сега ни останува малку да се одмориме, да се соземеме и да им возвратиме со иста мера во реваншот – разочарано истакна капитенoт на македонската репрезентација, Никола Ѓорѓиев, кој повторно го понесе најголемиот товар и беше најефикасниот играч на мечот со 40 поени.
Во вториот меч од 3-то коло, Украина ја совлада Унгарија со максимални 3-0 (25-15, 27-25, 25-19).