Светот има проблем со загадувањето што доаѓа од пластиката. Ова загадување претставува голем проблем откако голем број истражувања покажаа дека водата што се консумира и рибата што се јаде имаат пластични микроматерии. Микропластиката е застапена скоро секаде, дури и во амбалажираната вода, се наведува во истражувањата на СЗО. Со оглед на тоа што кај нас исто така се создава големо количество отпад, а не постои култура за селекција и рециклирање на отпадните материи, може да се заклучи дека и ние имаме проблем со отпадните пластични материи. А за да се реши тој проблем, прв чекор е да се пристапи кон рециклирање и селекција на отпадот.

Граѓаните создаваат големи количества отпад, само претходната година се создадени 140.809 тони комунален отпад во Македонија. Со оглед на поновите светски истражувања во кои се наведува дека и храната што ја консумираме содржи микрочестици од пластичните материи, се јавува потребата за намалување на користењето на пластиката но и нејзино рециклирање. Проблемот кај нас е што сѐ уште нема реална можност за селекција и рециклирање на отпадниот материјал, особено кога станува збор за пластиката, наведуваат од еколошките организации. Но во секојдневието се забележува навиката на граѓаните во која се користат пластифицирани ќесиња при купување намирници. Од 2013 година стапи во сила закон со кој е задолжително користењето на биоразградливи ќесиња. Правилникот за стандардите за биоразградливост, предвидува глоба од 3.000 евра, како за производителот, така и за трговецот. Според информациите од сите поголеми маркети, тие ги користат овие биоразградливи ќесиња. Но од еколошките здруженија велат дека пак станува збор за вид пластика и дека биоразградливите ќесиња не се вистински разградливи.

– Напластувањето и депонирањето на пластичните материи прави голем број проблеми. На пластичните ќесиња им е потребно околу 200 години време за да се разградат. Биоразградливите ќесиња се разградуваат за пократко време, но пак станува збор за пластика. Материјалот што се користи кај нашите биоразградливи ќесиња теоретски ги исполнуваат условите за разградливост како што е дефинирано во стандардите, ама ќесето треба да е изложено на сонце за да се распаѓа. Ѓубрето на депониите се фрла едно врз друго или се затрупува и практично ова разградување никогаш не се случува. Пластиката не се разградува на молекуларно ниво туку на микрочестици или микрозрна, кои потоа завршуваат во храната и водата што ги консумираме. Доказ за ова се многубројните истражувањата што излегуваат изминативме неколку години. Граѓаните немаат развиено свест за да користат реупотребливи ќесиња, порано беа позастапени. Сега со брзиот животен стил повеќе се претпочитаат пластичните ќесиња. Затоа мора да се размислува на рециклирање на пластиката, а не на производство на нова – велат од „Екосвест“.

Од еколошките здруженија додаваат дека најдобро решение се реупотребливите платнени торби. Според истражувањето на Националната агенција за животна средина од Кина, една ваква торба заменува 125 пластични и 52 хартиени ќесиња. Една од целите на земјава е да влезе во семејството на Европската Унија. Но за да влезе, потребно е да ги почитува европските одредби. Според тоа, потребно е и да се усогласат домашните регулативи со регулативите од ЕУ. Една од регулативите се однесува на селекција и рециклирање на отпадот. Според тоа, Македонија сакала или не ќе мора да направи чекор напред и да овозможи можности за селекција и рециклирање на отпадот. Од еколошките здруженија постојано апелираат дека свеста за селекција и рециклирање за отпадот е мала и дека процесот што следува требало да почне претходно.

Затоа по повод Светскиот ден за рециклирање, во текот на вчерашниот ден невладината организација за екологија „4 селект“ организира акција за чистење на отпадот на брегот на реката Треска. Во акцијата се собираше и се селектираше отпад во близината во кањонот Матка. Исто така се промовира порака за спас на планетата земја и за тоа дека идните генерации сакаат да наследат чиста планета.

[email protected]