Здравата исхрана кај децата е еден од најважните услови за здраво, среќно и квалитетно детство. Токму затоа, драги деца, ќе ве потсетиме кои се најважните витамини за вашето растење и зошто треба да бидат дел од вашата секојдневна исхрана.

Витамин А

Зошто им е потребен на децата: овој витамин е многу важен за добриот вид, особено кога се во прашање боите и гледањето ноќе. Исто така, го подобрува имунитетот, што е важно кај вирусните и заразните заболувања.
Каде се наоѓа: го има во морковот и во друго портокалово овошје и зеленчук, како што е дињата.

Б-комплекс

Зошто им е потребен на децата: поради состојките – тијамин, рибофлавин, нијацин, пантотенска киселина, Б6, Б12 и биотин, за да можат да создаваат и да користат енергија. Без доволно количество Б-комплекс, децата може да станат анемични.
Каде се наоѓа: го има во која било група прехранбени производи, па затоа е важно исхраната да биде разновидна и да содржи житарки, риба, месо, зелен зеленчук, млечни производи…

Витамин Ц

Зошто им е потребен на децата: Важен е пред сѐ во борбата на детскиот организам против настинката и грипот, односно во борбата против разните инфекции. Исто така помага за побрзо зараснување на повредите.
Каде се наоѓа: го има во портокалот или во свежо исцеден сок од лимон и друго овошје и зеленчук, како што се јагодите, дињите, слатките црвени пиперки…

Витамин Д

Зошто им е потребен на децата: за здрави коски и заби, децата треба редовно да внесуваат витамин Д. Имено, тој помага за апсорпција на калциумот, кој е важен за здравјето и растењето на коските.
Каде се наоѓа: сонцето е еден од најважните природни производители на витамин Д. Затоа е важно децата повеќе време да престојуваат во природа и на отворено, секако со сите мери на претпазливост од УВ-зраците. Исто така, витамин Д има во месото на туната, во јајцата, житарките и во збогатеното млеко.