Фото: Игор Бансколиев

ПАНДЕМИЈАТА ГИ РАЗБОЛЕ И ГРАДЕЖНИШТВОТО
И СТАНДАРДОТ НА ГРАЃАНИТЕ

Порастот на цените на основните градежни материјали (како железо, дрво, стиропор, цевки, цемент и др.) предизвика своевиден шок и ги изненади градежниците, изведувачите и граѓаните. Како резултат на глобалните движења во индустријата, од градежниот сектор велат дека состојбата на снабдување со суровини за производство во моментов е многу тешка и некои суровини може да се набават само по многу високи цени. Зголемувањето на цените е особено изразено во последните месеци и сѐ уште не им се гледа крајот на поскапувањата. Прашањата што се наметнуваат во јавноста се дали овие параметри може да ја активираат инфлаторната спирала. Ќе се пренесат ли овие зголемувања и на други производи и како ќе влијаат врз потрошувачите? Дали случувањата во индустријата на градежни материјали влеваат неизвесност и страв дека градежништвото не само што нема да биде двигател на растот на економијата туку може да се соочи и со пад на активностите и згаснување на одредени капацитети?
Градежникот Никола Велковски потенцира дека речиси сите материјали што се користат при градба се поскапени, како на пример, вели тој, железото е 200 отсто поскапено, стиропорот околу 20 отсто, дрвото околу 70 отсто, дополнително е поскапена и цената на трудот, а сето тоа донело поскапи градежни услуги.
– Високите цени на градежните материјали сигурно ќе направат некој удар врз инфлацијата, бидејќи крајниот продукт во овој сектор е поскапен и очекуваме да расте и инфлацијата. Но и покрај сето ова, како и неизвесноста и стравот од состојбата, сепак градежништвото нема да се соочи со згаснување на капацитетите, бидејќи е сериозна гранка, која влече многу други гранки што влијаат директно од овој сектор. Може да има застој во одредени капацитети, но краткорочно – истакнува Велковски.

Тој додава дека зголемените трошоци за репроматеријали на светските берзи и проблемите при транспортот во глобалните синџири за снабдување предизвикаа раст на цените на градежните производи.
Од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија велат дека производството на градежни материјали од челик до дрвена граѓа беше сериозно погодено од почетокот на пандемијата. Зголемувањето на цените е особено изразено и сѐ уште не им се гледа крајот на поскапувањата.
– Иако производителите во нашата држава преземаат мерки што се во нивна моќ да ги амортизираат поскапувањата, неизбежно е зголемувањето на цените на одредени градежни производи. Според нашите анализи, во периодот од март 2020 до март 2021 цената на челичните профили и цевки пораснала за 33 отсто, а во периодот од март до јуни оваа година за дополнителни 33 отсто, а до крајот на годината покачувањето, според најавените движења, се очекува да достигне и до 95 отсто – посочуваат од Здружението на градежништво.
Како што велат оттаму, очекувањата се дека поскапувањата од почетокот на пандемијата до крајот на 2021 година кај отплатата ќе достигнат до 55 отсто, кај геокомпозитот до 57,5 отсто, кај термоизолацијата до 61,3 отсто, кај заштитните премази до 44 отсто, кај полимер-битуменот за асфалт до 47 отсто, а кај металните профили до 52 отсто.

– Зголемените трошоци за репроматеријали на светските берзи и проблемите при транспортот во глобалните синџири на снабдување се дел од причините што предизвикаа раст на цените на градежните материјали. Овие чести и непредвидливи промени во понудата на репроматеријали директно влијаат врз производствените трошоци – нагласуваат од Здружението.
Тие велат дека цените на градежните производи и на работната рака, според компаниите, упатуваат дека во моментот е најскапо да се гради анализирано во последните дваесетина години.
– Поскапувањата на производите покрај тоа што се одразуваат и врз цените на становите, директно влијаат и врз исплатливоста на реализацијата на проектите што се изведуваат врз основа на договори во кои се предвидени фиксни цени за изведба, особено во доменот на јавните набавки. Во насока на амортизирање на состојбите, Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите веќе побара сет антикризни мерки за поддршка на градежништвото и очекува дека надлежните институции ќе ја препознаат важноста да одговорат на барањата на секторот што е од витално значење за домашната економија. Само на тој начин ќе се придонесе за поддршка на градежништвото, кое има потенцијал и во услови на здравствено-економска криза да биде движечка сила за закрепнување и развој економијата – сметаат од Здружението при СКМ.
Претседателот на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија вели дека тоа што се случува во градежништвото, повеќе или помалку, се случува и во другите стопански гранки.
– Корона-пандемијата ги прекина сите синџири на снабдување, влезот и излезот на стоките на граничните премини се забавија максимално, цената и времето на транспортот на стоки се зголемија повеќе од двојно во однос на состојбата пред пандемијата. Поради големите карантини се намали производството на стоки и услуги и на крајот, за да се намалат последиците од пандемијата врз економијата и стандардот на луѓето, сите држави истурија огромни средства за да ја одржат потрошувачката и да го намалат падот на бруто-домашниот производ – објаснува Димитров.

Тој додава дека овие огромни средства не само што го зголемија јавниот долг на сите држави туку намалената понуда на стоки и услуги претставува голема закана по инфлацијата. Дали државите тоа го направија свесно или под принуда од кризата, Димитров посочува дека е сеедно, но очигледно е дека инфлацијата е најбезболен начин да се плати потрошувачката што немаше покритие.
– Сметам дека овој начин на намалување на негативните ефекти од кризата е побезболниот отколку да имавме огромен пад на вработеноста, индустриското производство и голем пад на БДП. Не случајно речиси сите земји се одлучија за ваков начин за решавање на проблемите.
Инфлацијата ќе ги зголеми цените на стоките и услугите, но истовремено имаме и зголемување на платите. Исто така сметам дека порастот на цените на градежните материјали, кој предизвика и раст на цените на становите, нема да предизвика пад на градежништвото и севкупната економија. Ако државата не ги обезбедеше средствата за субвенција на плати и другите мерки за спас на економијата, можеби цените на становите ќе останеа непроменети, но тогаш ќе имавме голем пад на бројот на вработени во градежништвото и негативно ќе се одразеше на севкупната економија во земјата – потенцира Димитров.
Како што истакнува тој, впрочем и во економската теорија е познато дека одреден мал раст на инфлацијата, која е контролирана од страна на монетарните власти, може во краток период позитивно да влијае на растот на економијата.
– Контролата на инфлацијата не смее да биде крајна цел на економската политика, таа треба да биде средство за остварување побрз економски развој. И во минатото се покажа дека нашата земја имаше периоди кога имаше пониска инфлација и од некои европски држави, но стапките на раст беа многу пониски од посакуваните – појаснува Димитров.