Ликвидациите на терористичките водачи веднаш го привлекуваат светското внимание, но не го елиминираат тероризмот

Кети Гилсинан

Речиси две децении американските лидери ја истакнуваат потребата од решавање на основните причини за појавата на тероризмот. Сепак, многу почесто тие се фокусираат на нешто друго – на убивање терористи.
Доналд Трамп го стори тоа со особена радост, кога објави дека Абу Бакр ал Багдади, водачот на Исламска држава (ИСИС) и најбаран терорист во светот, умрел „плачејќи и врескајќи“ во операција на американските специјални единици. Претседателот, кој делумно водеше кампања за „пеколно бомбардирање“ на ИСИС, многу побрзо од своите претходници ја дефинира победата во воена смисла. Во март, по падот на последната територија под контрола на Исламска држава, тој беше цел на критики откако прогласи дека групата е „100 проценти“ поразена, иако продолжија нападите и атентатите во нејзино име, а водачот Багдади никаде го немаше. Сега Трамп тврди дека лидерот на ИСИС отсекогаш му бил главна цел.

– Заробувањето или ликвидацијата на Багдади беше главен приоритет на националната безбедност на мојата администрација – посочува Трамп.
Тој вели оти во изминатите три години во Белата куќа функционерите му пријавувале ликвидации и на други терористички лидери, а за многу од нив слушнал првпат.
Колку и да имаше претходно ликвидации на лидери од среден или од висок ранг во организацијата на ИСИС (тактика на која се потпираше и претходникот Барак Обама за да ја осакати терористичката група), сепак досега немаше симболична победа како смртта на главниот водач. Смртта на Багдади навистина претставува пресвртница во војната против тероризмот, исто како што претставуваше и смртта на Осама бин Ладен во 2011 година. Сепак, не е јасно кон што се врти војната против тероризмот.

Слично како и уништувањето на територијалниот калифат, така и смртта на Багдади нема да означи крај на групата во целина или на заканата што таа ја претставува. Стратегијата за гонење на терористичките лидери за да се поразат групите што тие ги предводат низ историјата давала мешани резултати. Во некои случаи групата едноставно продолжувала да дејствува со назначен наследник, како Ал каеда под водство на Ајман ал Завахири по смртта на Бин Ладен. Во други случаи, смртта на еден водач може да распарчи терористичка група на повеќе насилни, конкурентни фракции, како кај некои мексикански наркокартели.
Како што посочува експертката за тероризам Одри Курт Кронин, стратегијата за обезглавување на терористичките групи би можела да функционира кај групи што се хиерархиски структурирани, млади, имаат култ на личноста и немаат одржлив наследник.

ИСИС е млада, но е слаба во својата структура. Во однос на култот на личноста на Багдади, постои можност тој да избледел со губењето на териториите, бидејќи голем дел од пропагандната привлечност на групата потекнуваше токму од контролата на територија. Багдади до моментот на смртта беше калиф без калифат.
Згора на тоа, неговата вистинска оперативна улога е нејасна. Бин Ладен, кој беше ликвидиран во слична специјална операција во Пакистан во 2011 година, даваше инструкции и насоки за Ал каеда додека бил во бегство, а тоа го потврдуваат и документите најдени во неговото засолниште. Но Багдади, за кого многупати досега се шпекулираше дека е убиен или ранет, изминатите години ги помина во бегство, наводно контактирајќи со многу мал број луѓе и избегнувајќи модерна комуникациска технологија (која групата инаку многу често ја користи), од страв мобилните телефони да не му ја откријат локацијата. Тој одвреме-навреме објавуваше снимени говори за да му се закани на Западот и да ги мобилизира своите следбеници (последен пат во април). Портпарол на коалицијата за борба против ИСИС во 2017 година изјави дека Багдади бил „небитен веќе долго време“. Слично, портпарол на коалицијата претходно годинава оцени дека „неговото присуство или отсуство нема никаква врска со актуелниот статус на ИСИС“.

– Зошто тогаш САД трошат толку многу ресурси и ризикуваат толку многу животи во потрага по вакви цели со сомнителен ефект? Стратегијата за обезглавување на терористичките организации нуди кратко задоволство, додека решавањето на основните причини за појава на тероризмот е нешто што трае со години, ако не и со децении – вели Брус Хофман, експерт за тероризам во Советот за надворешни односи на САД.
Долгорочните инвестиции во, на пример, политички реформи во Сахел нема да дадат резултати, кои потоа би можеле да завршат во рекламни кампањи. Зборовите „Абу Бакр ал Багдади е мртов“ означуваат непосредно и опипливо достигнување, како и еден вид правда.

– Во моментот постои и фактор за ублажување на заканата. Дури и кога гонењето на терористичкиот водач ги влошува основните услови, на пример кога предизвикува цивилни жртви, тоа и понатаму може да биде рационален избор во однос на директната закана. Може да престанете да барате терористички лидери во, на пример, Јемен и да се фокусирате на решавање конфликти и политички реформи, а во меѓувреме да се надевате дека нема да наидете на некој експлозивен појас – вели Николас Расмусен, поранешен шеф на Националниот центар на САД за борба против тероризмот.

Друг проблем е што не постои само една главна причина за појава на тероризмот. Некои причини на кои посочија американските креатори на политики набргу по нападите врз САД на 11 септември 2001 година, како на пример сиромаштијата, истражувањата подоцна покажаа дека тие воопшто не се силни двигатели на тероризмот. Дури и кога ќе се утврди можната основна причина (на пример, граѓанската војна силно се поврзува со тероризмот), што навистина значи справувањето со неа? Ирачкото народно востание и сириската граѓанска војна помогнаа во подемот на ИСИС, но градењето мир во вакви контексти е многу потежок и подолгорочен процес, дури и во однос на најопасните и најсложени специјални операции против цели од огромна важност.

Иронијата е дека, барем реторички, стратегијата на Трамп всушност би можела да се справи со една од основните причини за појава на тероризмот: американското воено присуство на Блискиот Исток. Бин Ладен во 1996 година го наведе присуството на американските сили во Саудиска Арабија како една од причините поради кои тој им објавил војна на САД. Трамп повеќепати рече дека сака целосно да се повлече од регионот. Сепак, реториката на претседателот засега не резултира со помало воено присуство на САД на Блискиот Исток. САД од мај испратија дополнителни 14.000 војници во регионот, вклучувајќи и во Саудиска Арабија, и тоа првпат по 2003 година.
САД ги слават брзите победи, додека долгорочните проблеми продолжуваат да растат. Борбата против тероризмот не се совпаѓа со изборната временска рамка во САД.
– Никој не очекуваше дека за три години ќе победиме во Студената војна. Но во изминативе 18 години очекуваме дека токму наредната година ќе победиме во војната против тероризмот – посочува експертот за тероризам Хофман.