Со рецепт, односно преку фондот, килограм брашно чини 75 денари, инаку приватно е 260 денари

Безглутенско брашно, кое е круцијално за исхраната на граѓаните на кои им е дијагностицирана болеста целијакија, која не им дозволува внес на намирници што содржат глутен, веќе неколку месеци го нема во аптеките, поради што мора да се купува на приватно, по четири пати повисока цена, а потоа да се оди во Фондот за здравствено осигурување за рефундирање на средствата

Граѓаните со дијагноза целијакија веќе неколку месеци имаат проблем со набавка на безглутенско брашно, кое е круцијално за нивното секојдневно преживување, бидејќи болеста не им дозволува внес на намирници што содржат глутен. Неколку месеци некои од граѓаните си го плаќаат брашното приватно и потоа одат во Фондот за здравствено осигурување на Македонија, каде што ги рефундираат средствата потрошени за брашното.
– Имам конзилијарно мислење што ми дозволува да земам по пет килограми брашно месечно, а еден рецепт важи за килограм брашно, што значи за секој килограм ми треба по еден рецепт. Со рецепт, односно преку фондот, килограм брашно чини 75 денари, инаку приватно е 260 денари. Уште на самиот почеток на месецот брашно нема во ниту една аптека, а никој не знае да ни каже во што е проблемот. Излегува дека треба да молиме за брашно за леб, кој сами си го месиме дома и кој всушност за нас е лек – вели Силвија, која две години е со дијагноза целијакија.

Таа додава дека прво брашното го порачуваат во аптека, а потоа оттаму стапуваат во контакт со дистрибутерот и прават порачки. Меѓутоа, сега веќе неколку месеци ниту во аптеките не знаат да кажат која е причината поради која го нема брашното. Оставени сме на цедило, како прво мора да плаќаме големи суми за да го набавиме брашното за цел месец. Плаќам околу осум илјади денари, се задолжувам, затоа што тие пари ги немам, и тоа само за да набавам брашно. Каде се другите продукти без глутен што ми се потребни за нормално да функционирам и да немам здравствени проблеми – револтирано прашува таа.

Граѓаните со таква дијагноза велат дека ваквата состојба е недозволива и дека мора итно да се најде решение, затоа што се оставени на цедило, треба да двојат средства, но и време, додека да ја истераат целата постапка.

Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија велат дека средствата за брашното им се рефундираат на граѓаните.

– Зошто брашното го нема, ние не знаеме, но секој месец на граѓаните им се рефундираат средствата потрошени за него – информираат од ФЗО.

Она што неодамна брифираа од фондот е дека безглутенското брашно ќе може да се набавува и од специјализирани продавници, за што парите ќе им бидат вратени на граѓаните.

Целијакијата всушност е автоимуно генетско заболување, кое се јавува при внес на храна што содржи глутен. Кај лицата со целијакија, телото го препознава глутенот како туѓо тело, па ги напаѓа сопствените клетки. Глутенот всушност е белковина од пченицата, пирот, ’ржта и јачменот, кои, пак, се составен елемент на голем број производи.

Граѓаните што имаат ваква дијагноза велат дека имаат разни симптоми како последица на нетолеранцијата на глутен.

– Некои од нас поминуваат само со чешање, но некои имаат доста посериозни проблеми, особено малите деца. Некои отекуваат, па, така, животот навистина им виси на конец. Еве, на пример, јас страдам од надуеност, гасови и болка во абдоменот. Ќерка ми, пак, имаше проблем со забавен раст и додека не откривме во што е проблемот, таа многу слабо напредуваше. Затоа брашното е од огромна важност за нас, меѓутоа очигледно не сме важни, бидејќи не сме многубројни – вели Наташа Стојановска.

Од аптеките, пак, велат дека немаат информации која е причината што брашното го нема на рецепт.

– Неколку месеци го немаме брашното на рецепт, но не би знаела да ви кажам зошто – вели Ивана, вработена во аптека.

Граѓаните можат да живеат нормален живот со оваа состојба само со безглутенски режим на исхрана, кој значи избегнување на сите продукти што содржат глутен.