Досега ниту еден филм од странско говорно подрачје не освоил „оскар“ за најдобар филм. Во овој век, само два филма биле номинирани за најдобар филм („Љубов“ и „Клекнат тигар, притаен змеј“). Победата на „Рома“, на пример, ќе значеше историска промена, но ќе отвореше и многу прашања, исто така

Како што и се очекуваше, филмот „Рома“ на Алфонсо Куарон не доби „оскар“ за најдобар филм, туку ја освои титулата само во категоријата на филмови од неанглиско говорно подрачје. Досега ниту еден филм од странско говорно подрачје не освоил „оскар“ за најдобар филм. Во овој век, само два филма биле номинирани за најдобар филм („Љубов“ и „Клекнат тигар, притаен змеј“). Победата на „Рома“, на пример, ќе значеше историска промена, но ќе отвореше и многу прашања, исто така.

Секако, „оскарите“ претставуваат гласови на Холивуд за својот омилен филм, што значи „прво Америка“, но наградата сепак гласи „најдобар филм“, најдобар филм во светот, а не најдобар филм снимен од Американец или Британец. Би можеле да одиме назад низ годините и да рангираме кој било филм од странско говорно подрачје над победничкиот. На пример беше ли „Прекрасен ум“ подобар од „Расположени за љубов“ во 2001 година? Истото тоа важи и за номинираните филмови од оваа година. Некои критичари ги претпочитаат „Студена војна“ и „Шоплифтерс“ пред „Зелена книга“ и „Боемска рапсодија“. Би можеле да се потсетиме и на светските филмски великани како Годар, Озу, Фелини или Бергман и да се запрашаме дали навистина ниеден од нивните филмови не бил доволно добар како оние што ги понудил Холивуд?

„Оскарот“ за најдобар филм од странско подрачје не се воведува до 29-то издание на наградите на Американската академија во 1956 г., иако специјални награди за странски филмови биле доделувани и пред тоа. Дозволена е само една апликација по држава, и тој филм мора да е аплициран од страна на признаена национална организација (како „Бафта“ за Британија), иако апликациите не мора да се на националниот јазик. Потоа, специјалниот комитет на Академијата формира листа од девет наслови, кои подоцна се скратени на пет од страна на „специјално поканети комитети“ во Лос Анџелес, Њујорк и Лондон. И тогаш, само членовите на Академијата што ги имаат разгледано сите пет филма имаат право да гласаат за победникот. Некои велат – полесно е да се избере нов папа!

Можеби „оскарите“ немаат толкаво големо значење, но сѐ повеќе се чувствува недостигот од филмови од странско говорно подрачје. Во Велика Британија минатата година тие сочинуваа само 2 отсто од бокс офисот, од кои половина беа на Боливуд.

Намамени од големиот англиски говорен маркет, филмаџиите во голема мера ги запоставуваат своите национални јазици. Погледнете го „Фантастична жена“ на Себастијан Лелио (Чилеанец- Аргентинец), кој освои „оскар“ за филм од странско говорно подрачје. По тој филм, Лелио сними уште два филма на англиски јазик: „Непослушност“ сместен во Лондон и римејкот на неговиот филм на шпански јазик од 2018 година, „Глорија“, сместен во Лос Анџелес, во кој глуми Џулиен Мур. Има и други: Лука Гуадањино од Италија, на пример, или Јоргос Лантимос од Грција, чиј „Фаворитка“ му беше најголем ривал за „оскар“ на „Рома“. Куарон е само уште еден меѓу нив. Исто како Мексиканците Алехандро Ињариту и Гилермо дел Торо, кој веќе постигна успех работејќи на англиски јазик со „Гравитација“.Одлуката на Куарон да се врати на шпанскиот јазик со „Рома“ потенцијално ја менува играта. Иако не победи во главната категорија, „Рома“ е потсетник дека надвор од англофонската зона постои цел еден друг филмски свет од кој гледаме сѐ помалку и помалку.