На 1 и 2 септември во спортската сала „Форца“, со времетраење од 10 до 19 часот, ќе се одржи саем за воннаставни програми и активности, на настанот насловен „По часови“. Овој голем интерактивен настан ќе опфати голем број области – спорт и рекреација (фудбал, кошарка, ракомет, пливање, одбојка, гимнастика итн.), музички училишта, танцови студија (балет, аренби и хипхоп, модерни танци итн…), едукативни центри, јазични студија, училиштен прибор и додатоци и многу, многу други области.

– Овој единствен настан има две уникатни цели: првата, и најважна, низ директно доживување и искуство да им доближи на сите деца и млади што точно значи секоја област, да ги погледнат во живо реквизитите за спорт, музичките инструменти, да се запознаат со танц, наука, јазици итн., да пробаат низ демонстрација што подразбира секоја област и самите да покажат кон што имаат афинитет, што им се допаѓа и во што се добри. Ова е шанса што не смее да се пропушти, бидејќи ретко кога децата имаат можност да пробаат сѐ и сами да покажат за што навистина имаат афинитет – вели Огнена Васиљевиќ, организаторка на настанот.

Еднакво важно и корисно – настанот цели и да им олесни на сите млади родители.
– Наместо самостојно да истражуваат, контактираат, посетат и да се информираат за сите програми што се нудат кај нас, нивните специфики, обучувачи, услови, термини, возрасни групи итн., што често е навистина обемна и макотрпна задача, на настанот ќе можат да се информираат од прва рака за повеќе од 50 програми што се нудат кај нас. И, што е најважно, на самото место да ги запишат своите најмили на она што ќе го одберат по промотивни цени, со големи попусти – додаваат организаторите на „По часови“.