Иван Шариќ

Од досега пријавените 34 шахисти за поединечното ЕП во Скопје, 17 се велемајстори, меѓу кои и актуелниот првак Шариќ од Хрватска

На помалку од два месеца до почетокот на најзначајниот спортски настан годинава во Македонија, јубилејното 20-то Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, кое ќе се одржи во Скопје (18-29 март), веќе се пријавени 34 учесници од 17 држави. Од нив 17 се велемајстори (ВМ), еден женски ВМ (ЖВМ), пет интернационални мајстори (ИМ), пет ФИДЕ-мајстори (ФМ) и еден ЖФМ.

Секако, нивниот број рапидно ќе се зголемува со приближувањето на 1-то коло од предвидените 11, а засега најмногу учесници (по осум) има од Македонија и од Германија. На македонската листа засега фигурираат ВМ Кирил Георгиев, ИМ Филип Панчевски, ВМ Трајко Недев, ВМ Александар Чоловиќ, ИМ Никола Николовски, ФМ Тони Лазов, Емил Ристевски и ЖФМ Моника Стојковска.

Ова ќе биде вторпат како се одржува ваква значајна манифестација во Македонија, а претходно тоа се случи и во 2001 година кога во Охрид се одржа второто вакво ЕП, на кое меѓу 204 учесници (13 кола) победи Израелецот Емил Сутовски.

Засега прворангиран е минатогодишниот победник, хрватскиот ВМ Иван Шариќ (2.690), го следат Германецот Дитер Ливиу Нисепеану (2.680) и Израелецот Евгениј Постни (2.623), а македонскиот ВМ Кирил Георгиев (2.595), моментно е рангиран деветти.

Во досегашната историја на ЕП се нема случено еден ист шахист двапати да ја освоил оваа титула. Досега за ЕП во Скопје се пријавиле шахисти од Ерменија, Бугарија, Хрватска, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Израел, Норвешка, Србија, Шведска и од Македонија.

Во историјата на овие ЕП најмногу учесници имало во Риека (Хрватска) во 2010 година (408 шахисти), а најмалку во Анталија (Турција) во 2004 година (74). Најмногу пати домаќин била Турција (2003, 2004 и 2006 година). 


На ЕП 2001 во Охрид настапија 143 велемајстори

На 2-то поединечно Европско првенство (ЕП) во Охрид во 2001 година настапија вкупно 204 шахисти од 39 држави (143 ВМ, 38 ИМ, 14 ФМ), од кои најмногу (21) од Македонија и од Русија, а 20 од Украина. Победникот Емил Сутовски освои 9,5 поени, а најуспешен Македонец беше Дејан Стојановски (тогаш рангиран на 192-то место), кој со шест поени заврши на 121-то место. Г.И.