Нема никаква цел да се прими малата држава со слаб буџет во воениот сојуз, смета Бершидски, главен уредник на рускиот весник „Ведомости“

Леонид Бершидски

Северна Македонија го потпиша Протоколот за прием во Северноатлантската алијанса (НАТО) како 30-та членка. Последното проширување на одбранбениот пакт, многу повеќе од претходните, отвора прашања за тоа што навистина значи членството во Алијансата.
Такер Карлсон од „Фокс њуз“ тврдеше дека нема смисла да гинат Американци за Црна Гора или за балтичките држави, иако во членот 5 од договорот на НАТО стои дека САД мора да им помогнат на овие држави во случај да бидат нападнати. На прашањето на Карлсон за Црна Гора, претседателот Доналд Трамп искажа загриженост дека „силниот и агресивен црногорски народ може да ги вовлече САД во неволја“. Но ставот на Карлсон е премногу екстремен. Претходните проширувања на НАТО со балтичките држави и потоа на Балканот имаа стратегиска смисла за САД, додека Русија се сметаше за стар непријател.

Првата рунда проширувања драматично ја ослаби способноста на Русија воено да се закани кон Западна Европа. Дури и ако Естонија, Летонија и Литванија не можат самите да се одбранат, тие само ги зголемуваат трошоците на Русија за напад. Сега кога пропадна Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел, источноевропските членки на НАТО ќе бидат особено важни, затоа што во случај на голема ескалација со Русија, само за неколку секунди можат да се искористат ракетите распоредени во тие држави за напад врз кој било град во Западна Русија.

На Балканот логиката е поинаква. Во Југославија НАТО ја водеше првата војна и има смисла да го консолидира неговото присуство таму за да спречи обновување на борбите. Ако Србија со руска помош некогаш се обиде да доминира во регионот, членството на Хрватска ќе биде моќна противтежа. Црна Гора вредеше да биде вклучена од истите причини, дури и ако нејзиното членство најверојатно најмногу зависеше од стравовите за руска контрола врз малата балканска држава по она што властите го опишаа како неуспешен обид за државен удар на Кремљ во 2016 година.

Тука звучам дури и великодушно. Руското влијание на Балканот е претерано и повеќе е прашање на традиција, фантазирање и опортунизам отколку некаква стратегија со посебни долгорочни цели. Во случајот на Северна Македонија никаков разумен степен на руска тревога не го оправдува проширувањето на НАТО.

Русија се противеше на нејзиното членство во Алијансата и се трудеше да ги охрабри националистите да го спречат процесот. Но не постојат политички сили во Северна Македонија што поддржуваат сојуз со Русија. Дури и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, која во многу наврати му се додворуваше на Путин, многу години го поддржуваше членството во НАТО и во ЕУ. За разлика од Црна Гора, државата има само мала руска дијаспора и има мал удел на руски инвестиции. Влијанието на Турција, која е членка на НАТО, е далеку поголемо.

Тешко е, но не и невозможно да се наведат геостратегиските причини за членството на Северна Македонија во НАТО. Државата не одигра главна улога во балканскиот конфликт. Таа е мала држава без излез на море и со мали природни ресурси. Владата на премиерот Зоран Заев не се ни потруди да даде причини за членството. Таа е заинтересирана за членството во НАТО помалку како гарантор на безбедноста туку повеќе како де факто предуслов за членство во ЕУ. Сите поранешни комунистички членки на ЕУ му се приклучија на НАТО пред да бидат дел од Унијата.

Не постои официјален услов за пристапување во НАТО пред ЕУ, а Србија, барем засега, е заинтересирана да стане дел од ЕУ, но не и од НАТО. Но Алијансата останува да важи за најефикасната безбедносна поддршка на блокот и покрај скорашните преговори за формирање европска армија. Северна Македонија не е заинтересирана да ја оспори оваа конвенција. Нејзината економска иднина зависи од брзото движење по европскиот пат.

За САД, кои ги штитат сите членки на НАТО, Северна Македонија е само уште еден реципиент. Нејзините воени трошоци изнесуваат 1,19 отсто од БДП годинава што е речиси на исто ниво како со Германија, која Трамп постојано ја критикува поради пацифизмот. Изразено во бројки ова е мала сума од околу 153 милиони долари во 2019 година за војска со 8.000 активни припадници. НАТО не добива ништо, освен тоа што ќе ја прими во Алијансата и ќе ја прошири заштитата.

Меѓутоа таа нема ни многу да загуби. Многу се мали шансите Русија или било кој друг да ги нападне Црна Гора или Северна Македонија. Но САД треба да размислат што ќе произлезе од една Алијанса со сè поголем број на мали членки главно заинтересирани да го искористат ваквиот чекор за влез во ЕУ. Не значи дека Алијансата треба да ги прифати новите членки само зашто Русија не сака тие да пристапат. Кремљ од принцип е против секакво проширување на НАТО.

Ако САД навистина сакаат да ги натераат нивните европски партнери да трошат два отсто, па и повеќе од нивното БДП за одбраната, тогаш таа цел нема да се постигне само со прифаќање нови членки што не го исполнуваат условот.