Не се само годините и искуството она што ја издвојува оваа нова генерација, туку фактот дека многу од нив имаат иста визија за тоа како треба да играат нивните тимови и како сакаат да управуваат, вели Балаг, од аудиоемисијата „Фудбал дејли евролиг“

Имаат малку или се без искуство и некогаш можеби биле сметани за премлади за работата, но многу млади фудбалски тренери имаат значително влијание во големите европски домашни првенства. Шест од 18-те тренери во германската Бундес-лига се помлади од 40 години, а доста млади надежни тренери импресионираат и во Италија, Холандија и во други земји. И не се само годините и искуството она што ја издвојува оваа нова генерација, туку фактот дека многу од нив имаат иста визија за тоа како треба да играат нивните тимови и како сакаат да управуваат.

– Се чини дека се тактички флексибилни, сакаат голем притисок и сакаат работа без топка. Сакаат нивните одбранбени фудбалери да бидат комфорни со топката, да играат отворено и да имаат мобилни центарфори. Употребуваат технологија, ги прифаќаат помошниците, наспроти доминацијата на некои нивни претходници и сакаат да бидат на теренот, наместо да раководат со клубот – ја пренесе Би-би-си изјавата на Гијем Балаг, од радиоемисијата „Фудбал дејли евролиг“.

Најмладиот тренер во најсилните пет лиги во Европа е кормиларот на Хофенхајм, Џулиан Нагелсман, кој има 31 година (тој е најмлад и во историјата на Лигата на шампионите), а бил ангажиран кога имал 28. Како Нагелсман, кој поради повреда ја прекина кариерата на 20 години, има многу млади тренери во Европа што имаат малку или немаат искуство од врвните лиги како фудбалери. Францускиот фудбалски експерт Жулиен Лорен вели дека е „извонредно“ како младите менаџери се способни да заслужат респект во соблекувалната.

– Ако сте Зинедин Зидан и влезете во соблекувалната, тогаш немате проблем. Но ако имате 39 години и играчите не ве знаат, морате да ја заслужите таа почит. Кога Нагелсман го презеде Хофенхајм, тој имаше играчи во тимот што беа постари од него. Затоа е неверојатно како успеале не само да имаат резултати туку и да ја добијат почитта во соблекувалната, покажувајќи колку напорно работат, а неверојатно е и тоа колку се одлични тактички и во менаџирањето на работата со луѓе – вели Лорен.

Ова се само некои од најдобрите млади тренери во Европа, издвоени од тимот на „Фудбал дејли евролиг“:

– Марко Росе (42) од Салцбург (работи од лани, откако се проби од младинските категории на клубот, со победата во младинската ЛШ во 2017 година, а во дебитантската сениорска сезона ја освои титулата и тимот се најде во полуфиналето на Лига Европа).

– Џовани ван Бронкхорст (43) од Феенорд (почна да работи во првиот тим во 2015, откако пред тоа беше тренер на младинците, но во првата сезона освои двојна круна, завршувајќи го 18-годишниот пост на клубот за титула).

– Роберто де Ѕерби (39) од Сасуоло (кариерата ја почна во аматерскиот состав од Серија Д, пред да замине во Фоџа и во Палермо, лани стана тренер на Беневенто, а во летото на Сасуоло, со кој е хит во новата сезона, во која беше непоразен по првите три кола).

– Флоријан Кофелд (35) од Вердер (во играчката кариера како голман не стигна подалеку од третиот тим на Вердер, првата тренерска должност му беше во тимот до14 години, потоа во сите следни возрасни категории, лани стана тренер на сениорите, кога тимот беше претпоследен, но сезоната ја заврши на 11-то место).

– Мануел Баум (39) од Аугсбург (некогашниот учител е уште еден тренер што ги помина сите младински категории до сениорски тим во Бундес-лигата, прво беше в.д. во 2016-та, а во првата целосна сезона со тимот го освои 12-то место).