Во поглед на корупцијата и криминалот нашата држава заличува на земјите од Латинска Америка, од половината на минатиот век. Во поглед на начинот на владеење заличува на авторитарните и долготрајни диктатури од земјите на централна Азија и Африка. Во поглед на сиромаштијата, пак, сѐ повеќе заличува на бедните земји од Африка.

Земјите од Латинска Америка лекот против криминалот, корупцијата, превратите, воените хунти и слични пороци го најдоа во воспоставувањето политички систем што гарантира брзи и чести смени на власта. Голем број од овие земји се определија да ги применат искуствата на САД со претседателскиот систем, со внесување соодветни модификации во нивните политички системи. Во согласност со Уставот на САД, американскиот претседател има право на два четиригодишни мандати. Повеќе земји од Латинска Америка се определија за претседателски системи со петгодишни мандати, но, без право на втор последователен мандат! Ваквите системи гарантираат чести и регуларни смени на власта. Значајно би било да се нагласи дека овие земји посветуваат големо внимание на владеењето на правото, со посебен акцент на изборот на независни обвинители со големи овластувања, кои придонесоа претседателите на повеќе земји од Латинска Америка да поднесуваат оставки, некои од нив се во затвор или, пак, се соочуваат со долгогодишни постапки пред судовите!

Многу политички аналитичари укажуваат дека брзите и чести смени на власта придонесуваат за зајакнување на демократијата, за спречување или макар за намалување на криминалот и корупцијата, за почитување на правата на човекот, за слободата на изразувањето и другите цивилизациски вредности. Долгото владеење ѝ овозможува на власта да пушти краци во сите сфери на општествено-економскиот и политичкиот живот во државата. Власта што долго владее настојува да воспостави контрола на парите и со огромни црни партиски фондови скапо ги плаќа апологетите и широко разгранетата клиентела на власта. Долгото владеење ѝ овозможува на владејачката партија под своја капа да ги стави полицијата, судството и медиумите, како битни алатки за долго и неконтролирано владеење. Ваквиот систем е базиран на програмиран инженеринг, кој овозможува владејачката партија да победува на сите избори и долго да владее авторитарно и без каква било контрола!

Во поглед на брзите и чести смени на власта Италија, без конкуренција, се наоѓа на прво место во светот! Брзите и чести смени на власта се случувале како во времето на Кралството Италија (1861-1946), така и во времето на Република Италија (од 1946 г., па досега). За 85 години на Кралството Италија се сменети 44 влади, а во времето на Република Италија од 1946 до 2018 година се сменети 43 влади! Алчиде де Гаспери бил последен премиер на Кралството Италија, чија влада траела само 212 дена, а во Република Италија предводел 6 влади! Вкупно на чело на италијанската влада бил 7 години и 38 дена. Силвио Берлускони е премиер со најдолг мандат во историјата на Република Италија. Предводел 3 влади во вкупно времетраење од 9 години и 54 дена. Алдо Моро бил премиер на Италија во два наврата со вкупен стаж од 6 години и 87 дена. Брзите и чести смени на власта не само што немале какви било штетни последици на демократскиот и општествено-економскиот просперитет на Италија, туку придонеле оваа земја да се нареди меѓу 7-те најразвиени земји во светот. Мошне значајно е и тоа што брзите и чести смени на власта придонеле за зајакнување на владеењето на правото и за спречување на дејствувањето на италијанската мафија, која долго време беше без конкуренција во светот!

Во повеќе наврати пишував за штетните последици од долгото владеење на двете водечки политички партии во Република Македонија, чие име, со спогодбата од Преспа, е заменето со Република Северна Македонија (РСМ). Во времето на 6-годишното владеење на СДСМ (1992-1998) се направи „економски геноцид“ (опозицијата во Црна Гора), се затворија фабриките, голем број работници останаа без работа, беа создадени огромни социјални разлики во македонското општество. Дилетантската македонска дипломатија, во моментите од пресудно значење за признавање и меѓународно етаблирање на државата, не знаеше како да се справи со барањето на Грција за промена на името на нашата држава и создаде проблем што траеше безмалку три децении! Во времето на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, пак, се случија многу настани што доведоа до заробување на државата од страна на профанисаното злосторничко здружение, кое сега се соочува со лицето на, за жал, селективната правда! Од осамостојувањето, во нашата држава се профилираа две водечки политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои се менуваат на власт, но РСМ никако да пркне во поглед на развојот на демократијата, економијата, владеењето на правото и другите цивилизациски вредности! Тоа покажува дека во политичкиот систем во нашата држава треба да се извршат суштински промени, со кои би се создале услови за брзи и чести смени на власта, како битен предуслов за просперитет на државата. Промените би требало да започнат со прогласувањето на државата во една изборна единица, со отворени листи, а да финишираат со воведување претседателски систем, со мандат на претседателот од 5 години, без право на втор последователен мандат! Подетално за тоа во мојата книга „Заробена, наместо препородена“.

Значајно би било да се нагласи дека политичарите што долго владеат се подложни на сериозни медицински последици! Угледни светски невролози, психијатри и социолози тврдат дека моќта предизвикува мозочни оштетувања и дефицит на емпатија кон „другите“!

Коста Стоименовски