Детското одморалиште беше сместено на една висорамнина, на преубавата планината. Околу него имаше прекрасна зимзелена шума. Дрвјата не само што прекрасно изгледаа, туку и незаборавно мирисаа, особено наутро. Одморалиштето беше на неколку ката. Личеше на вистинска зимска куќичка со коси покриви, но многу, многу поголемо.

Околу него неколку игралишта, а малку понастрана едно мало езерце.
Беше преполно со деца од цела Македонија. Тие беа дојдени на настава во природа. Секое утро стануваа во 7 часот, правеа утринска гимнастика, појадуваа и почнуваа со наставата, секое одделение според програмата.

Вечерите беа резервирани за забави во ресторанот. А за последната вечер имаше закажано маскенбал.

Со малку учење и играње, но со многу дружење, бргу дојде и последниот ден. Тој беше резервиран за подготовки за големиот маскенбал во осум. Беше договорено секое одделение да настапи со групна маска. Сите го сфатија ова многу сериозно и се трудеа да ги изненадат и да ги победат другите.

Цел ден се подготвуваа за маскенбалот. Толку беа радосни, што од ништо правеа прекрасни маски.

Дојде и осум часот и маскенбалот почна. Секое одделение имаше своја музика како поткрепа на маската. Едни беа како Марсовци; други како лекари и сестри; трети како готвачи и келнери…

Последни требаше да настапат учениците од III-а. На бината излезе наставничката да ги најави. Ги замоли да ја исклучат музиката, затоа што III-а, како што рече, ќе свири на досега невидени инструменти. Џагорот го снема. Сите беа заковани со погледите кон бината. Сакаа да видат какви се тие инструменти и каква е таа музика.

Одеднаш, од зад грб започна бучава. Еден по еден влегуваа учениците од III-а. Никој не беше маскиран – беа облечени најнормално. Но затоа, пак, секој влечеше врвка на која имаше врзано по нешто: празни пластични шишиња од води, празни лименки од сокови, три искршени гранки на кои наместо листови имаше врзано празни ќесички од соленки, смоки, сладоледи…и на крајот од колоната двајца влечеа по една метална канта за отпадоци, кои беа откорнати од паркот. Сето тоа создаваше многу непријатни звуци по мермерниот под. Публиката се тргна настрана за да поминат. Учениците од III-а се качија на бината. Излезе претседателот на одделението и рече: „Нашата маска се вика ’Ние‘. Ја подготвувавме сите овие денови додека престојувавме тука. Сакаме да кажеме дека ако не бевте вие, немаше да биде и ’Ние‘. Ова го направивме за тие што ќе дојдат утре“.

Најпрвин срамежливо, но потоа сѐ појако, во салата ечеше од аплауз. Почнаа и звуците на музиката и забавата можеше да почне. По две-три песни, на бината излезе директорот на одморалиштето и рече: „Жирито беше едногласно. За најдобра групна маска се прогласува маската ’Ние‘ на III-а.

Првпат досега решивме наградата да биде продолжување на престојот за цело III-а за уште еден викенд. Се надевам дека веќе нема да има потреба од вакви маски“.

Илустрација: Никола Димов

Ивица Маринковиќ