ЕХФ прави анкета меѓу клубовите и федерациите за актуелните правила, но бара идеи и за нови, а нашите соговорници предлагаат, на пример, ограничен напад, технологија ВАР, систем челинџ, забрзување на играта без изведување центар, а имаат и пофалба и критика за играта седум на шест…

Правилата во ракометната игра се постојана тема на дискусии на сите нивоа на натпревари и меѓу сите групи што се засегнати, како што се тренерите, играчите, клубовите, судиите и делегатите, но и медиумите и ракометните навивачи. Светската ракометна федерација (ИХФ), врз основа на одлуката на конгресот во 2015 година, донесе неколку нови правила за да се забрза играта, а со тоа да се зголеми интересот за гледачи во салите како и за публиката на телевизиските и на електронските медиуми. Воведени беа играта седум на шест, син картон, пасивната игра беше ограничена до шест додавања, повреден играч за кој интервенирал лекар нема право на игра во следните три напади и заострен судиски критериум во последната минута од натпреварот.

Изминативе две години во повеќе наврати беа ставани забелешки и толкувања на постојните правила, но имаше и идеи за воведување нови правила. Вакви предлози и забелешки доаѓаа од ракометните работници за време на официјални настани, состаноци, интервјуа или експертски дискусии на темата за ракометната игра, како и за време на коментирањето на натпреварите на европските и на светските првенства од поранешни ракометари. Едни имаат забелешки за играта седум на шест, други забележуваа за должината на нападите, трети за различниот судиски критериум за исти ситуации на теренот. Секој има различно гледиште и различен став.
Поранешниот тренер на Металург и актуелен селектор на Хрватската ракометна репрезентација, Лино Червар, е еден од тренерите што од самото воведување на правилото седум на шест почна интензивно да го применува во својата напаѓачка стратегија.

– Уште од самото воведување на правилото седум на шест многумина почнаа да коментираат дека играта била ваква или таква, дека немало рамноправност на теренот и слично. Но уште од самиот почеток велам дека е добра за тие што можат да се носат со таа игра и да креираат акции за напад, а лоша за тие што немаат визија и тактика да се справат. Правилото еднакво важи за двете екипи на теренот. Како што јас напаѓам со седум и се бранам со шест, истото право го има и противникот само зависи дали и колку може да го спроведе – изјави Червар.

Спротивен став на размислувањата на Червар имаат неговиот поранешен асистент, а сега тренер на Металург, Данило Брестовац и поранешниот селектор на женската репрезентација Владимир Глигоров.

– Кога би имал право да ги менувам ракометните правила, прво би ја укинал играта седум на шест – вели Брестовац, а Глигоров дополнува: „Покрај тоа што сум за укинување на играта седум на шест, јас сум и против старото правило за играч со маркер, кога излегува голманот, а на местото на исклучен играч влегува играч со маркер. Сметам дека така се губи смислата на казната од две минути“.

Со оглед на тоа што Европската ракометна федерација (ЕХФ) од ИХФ е поканета на 29 и 30 март идниот месец да учествува на експертска комисија, која ќе ги оценува влијанието и последиците од новите правила за нивно дообликување и дефинирање, ЕХФ испрати писмо до сите федерации и клубови што учествуваат во европските купови и им даде можност да кажат свој став за примената на новите правила и да дадат предлози и идеи околу промена или имплементација на нови правила.

Червар е еден од првите тренери што го отвори прашањето за воведување временско ограничување на нападот во ракометот, а по спорните судиски одлуки на мечот Хрватска – Германија на неодамнешното СП, Червар предложи активно воведување на технологијата видеоасистент-судија (ВАР) и т.н. тренерски челинџ (прегледување снимка по барање од тренер). Ограничување на нападот е предлог и на Глигоров.

– Ограничувањето на нападот е нешто што би го направило ракометот побрз и поинтересен, а на тренерите и на играчите ќе им даде простор за поголема креативност за пократок временски интервал. Играчите побрзо ќе размислуваат и ќе мора ефикасно да дејствуваат на поставените цели – сметаат Червар и Глигоров.
Червар се осврна и на идејата за ВАР.

– Доколку на мечот со Германија имав право на челинџ и помош од системот ВАР за дел од судиските одлуки, Хрватска немаше да го загуби тој меч. Затоа ВАР и правото на тренерски челинџ сметам дека се неопходни правила, кои би требало да се воведат во иднина – рече Червар.

Клубовите и федерациите со свои идеи, забелешки и предлози ќе треба да се изјаснат до 14 март, а ЕХФ ќе го презентира собраниот материјал на состанокот на ИХФ на крајот на март.


Брестовац: Без изведување од центар и меч од три сета

Кога би имал право да предложам новини и правила, кои би сакал да ги видам во ракометната игра, тоа би биле укинување на изведувањето од центар по примен гол и наместо две полувремиња да се играат три сета. Тие сетови не би биле временски ограничени, туку би се играло до 10 гола. Победник би била екипата што ќе добие два сета, вели Данило Брестовац, тренерот на Металург. Та.Д.