Матеа Стоев сака да остави траги од пишани зборови

Матеа Стoев е ученичка во деветто одделение во основното училиште,,Григор Прличев“ – Охрид. Како дете вљубеник во музиката и во пишаниот збор, таа досега има освоено голем број награди, а оваа година се закити со прва награда за литературна творба посветена на животот и делото на писателот Видое Подгорец.

На манифестацијата „Средби под јаворите“, која се одржа во Колешино, родното место на Видое Подгорец, Матеа под менторство на својата професорка Мимоза Сталевска ја понесе првата награда во конкуренција од околу 600 пристигнати творби во различни категории. Пристигнатите творби беа оценувани од жири-комисија составена од еминентни македонски писатели.

Средбата со писателот Киро Донев, кој наедно беше и еден од членовите на жирито и неговиот поттик талентот на Матеа да продолжи да остава трага од пишан збор, ја роди идејата за реализација на првиот самостоен литературен проект на кој Матеа интензивно работи и кој наскоро ќе биде промовиран.


Тивко шумолат јаворите

Легенда крие едно селце мало
сѐ уште е тајна како име му се дало.
Дал Беласичка битка тука трага остави
ил бачилото на дедо Коле него го прослави.
Низ јаворови стебла жубор силен се слуша,
Колешинските Водопади се неговата душа.

Во куќичка трошна среде селски спокој
момче младо душа рани со книжевен опој.
Збор до збор низ страници ред по ред се редат,
бројни детски дела по животниот пат ќе го следат.
Топли гнезда од раскази вo зарастен бунар ќе скрие,
со царски птици убавици на јавор гнездо ќе свие.

Едно уморно лето тој вредно низа од песнички ќе створи,
крај мало горско кладенче кое во песнарка ќе се претвори.
Со ѕвездени зборови вешто ќе го постели патот по кој оди
низ чудесни шуми и патувања тој со себе со радост ќе не води.
И шарени бродови ќе пушти низ вода што водопад ја лее,
шарената птица да ја пронајдат најубави песни што пее!

(Првонаградена творба на манифестацијата ,,Средби под јаворите 2019“)