Генетичка терапија што се дефинира како техника за користење и манипулирање со гените за лекување или за спречување болести, може да се (зло)употреби и за подобрување на перформансите на спортистите

Во доцните 1990-ти, Ли Свини, физиолог на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Пенсилванија, се појави на насловните страници поради истражување на глувците наречени „Шварценегер“, кои беа за 30 отсто посилни од нивните обични „колеги“. Свини успеа да го изолира генот одговорен за активирање на протеинот ИГФ-1, кој ги контролира зголемувањето и функционалноста на мускулите. Главниот фокус на неговите експерименти беше како да се забави атрофирањето на мускулите со текот на годините, но добиените резултати ги привлекоа спортистите во потрага по подобрување на нивните перформанси, објави Си-ен-ен.

Во олимписката 2008 година, многубројни врвни светски спортисти беа во потрага по одреден вид допинг и тоа со помош на сопствените гени! Но Свини не беше заинтересиран за соработка.
Пред годинашните Игри на Комонвелтот (од 4 до 15 април во Австралија), Свини не им беше интересен на спортистите што се во потрага по „нефер“ предности, најверојатно затоа што сега е советник на Светската антидопинг-агенција (ВАДА).
– Во почетоците, кога првпат почнавме да објавуваме работи за ова, бевме контактирани од врвни светски спортисти. Деновиве, тоа се главно бодибилдери и луѓе што се во очајничка потрага за зголемување на своите способности – вели Свини, кој сега работи на Универзитетот во Флорида.

Пред десетина години, генетичка терапија дефинирана како техника на користење и манипулирање со гените за лекување или за спречување болести, не била толку истражена како што е денес и не била препознаена како закана за да биде забранета за користење во спортот. Но набргу стана јасно дека генетичките терапии еден ден може да се користат на многу повеќе начини отколку за лекување болести.
Реагирајќи на таквата можност, ВАДА во 2002 година воспостави „генетички и допинг-панели“ од научници експерти што треба да се борат за надминување на проблемот. Во 2003 година, беше забранет „генетички допинг“, што се дефинира како „нетерапевтска употреба на клетки, гени, генетски елементи или модулација на генетички експресија, која има капацитет да ги подобри перформансите“.
Во случајот со „шварценегер-глувците“ Свини користел класична метода на генетички терапија, со која тој ја модифицирал ДНК на животните користејќи вирус за да ги внесе потребните гени што глувците ќе ги направи посилни.

Гените се доставуваат во организмот со помош на „вектор“, најчестиот од сите вируси, кој бил модифициран за да биде безбеден и да не предизвикува болести. Векторите го носат посакуваниот ген во насочените клетки и, таму го истовараат генетскиот материјал, кој за возврат му дава инструкции на организмот да произведе протеин. Еден пример на протеин добро познат на спортистите е еритропоетин, попознат како ЕПО, кој го регулира производството на црвените крвни клетки во телото и ги зголемува хемоглобинот и кислородот. Со вшприцување надворешен ЕПО, врвните спортисти, најчесто велосипедистите, ги подобруваат перформансите.
При антидопинг-контролите на нивната крв и урина тие ефикасно се откриваат. Но доколку ЕПО е органски, „природно“ произведен, речиси е невозможно да се открие бидејќи технологијата уште не е развиена до тоа ниво.

Друг начин на „генетички допинг“ на спортистите е преку техниката КРИСПР, која им овозможува на генетичарите да издвојат одредени делови на геномот на една личност со отстранување или менување на делови од ДНК. Оваа техника брзо се развива, што доведе до тоа ВАДА во октомври лани да ја прошири забраната.
– Постојат неколку начини на користење КРИСПР. Едниот е да се земат клетки од една личност, да се модифицираат и да се вратат во личноста што е веројатно најбезбедниот начин. Другиот е да се модифицира постојната ДНК во телото, што потенцијално е многу понебезбедно – вели Свини.
Свини истакнува дека научниците не знаат какви последици може да има менувањето на одреден ген кај одредена индивидуа.

АИКАР е супстанција за подобрување на перформансите за која се сомневаше француската Антидопинг-агенција дека ја користеле велосипедистите на Тур де Франс пред девет години. Таа ги стимулира митохондриите, дел од мускулите што се одговорни за производството на аеробна енергија.
Постојат и други начини генетиката да им помогне на спортистите да ги подобрат своите перформанси, со разбирање на нивната физиологија. На пример, проектот ЏЕНЕЗИС се фокусираше на тоа како применетата геномика може да им користи на врвните спортисти.

Истражувачите вклучени во овие проекти се надеваат дека ќе идентификуваат кои гени би им помогнале на одредени спортисти во нивните дисциплини. На пример, ако се покаже дека еден спортист има повисока генетска подложност на повреда на тетивата, научниците и тренерите ќе можат преку одредени аспекти при тренинзите во текот на сезоната, со пократок или подолг одмор, со намален бројот натпревари и со специфични вежби да ја спречат повредата или да ја забрзаат рехабилитацијата. 


Спортистите секогаш ќе ја користат најсовремената технологија

Некои експерти тврдат дека спортистите секогаш ќе ја користат најсовремената технологија за да бидат во предност, законски или незаконски, сеедно.
– Современиот спорт главно се вреднува врз основа на рекордите и на извонредните перформанси. Дури и ако не е светски рекорд, тоа треба да е нешто посебно, често тоа се обиди за уривање на границите, тоа им е привлечно на луѓето. Ние им ја даваме на спортистите сета врвна технологија за да го направат тоа – вели биоетичарот, Енди Миа од Универзитетот во Салфорд.
Тој додава оти не се согласува со антидопинг-стратегијата и сугерира побезбедна форма за подобрување на перформансите на спортистите.
– Ако успееме да создадеме систем каде што подобрувањето на перформансите ќе биде медицински надгледувано, мислам дека тоа би било многу посигурно и поздраво – истакнува Миа.


Надежите се во „биолошкиот пасош“

Допингот е неверојатно широкораспространет меѓу врвните спортисти и во голема мера останува неоткриен и покрај актуелното биолошко тестирање, се вели во една студија на Светската антидопинг-агенција (ВАДА) од 2017 година.
Пред девет години ВАДА ја објави првата верзија на „биолошките пасоши“ и оттогаш работи на развојот на тој концепт. Преку „биолошкиот пасош“ може да се следат биолошките варијабили што со текот на времето треба индиректно да ги откријат ефектите од допингот наместо обидите да се открие дали спортистот употребувал забранета супстанција.
Еден од челниците на ВАДА, Оливие Рабин, е убеден дека може да се добие битката со допингот со подоброто тестирање во иднина. Дури и со појавата на нови технологии алатките, како што се „биолошките пасоши“ би можеле да бидат клучни во борбата со допингот.
– Секогаш ќе има нови супстанции, но ако бидеме доволно проактивни за да ги добиеме сите информации од фармацевтската и биотехнолошката индустрија за нови лекови со допинг-потенцијал и ако имаме пристап до сите нелегални лекови што се пуштаат во оптек речиси секоја недела, можеме да бидеме ефикасни – вели Рабин.