Фото: Маја Јаневска-Илиева

На мостот „Око“, накитена со култни бронзи, исправено стои скулптурата поврзана со ексклузивниот археолошки наод од Лисичин Дол, но таа сѐ уште не е доволно позната во јавноста

Впечатливата скулптура од бронза на пајонската свештеничка исправено стои на пешачкиот мост „Око“ на Вардар, кој директно води до влезот на Археолошкиот музеј на Република Македонија. Реконструираниот гроб бр. 15 на оваа свештеничка од железното време, со предмети од типот „македонски – пајонски бронзи“, е дел од постојаната музејска поставка, но опкружена надвор со големиот број скулптури од двете страни на мостот, нејзината скулптура крај која секојдневно минуваат многу луѓе, сепак, сѐ уште не е доволно препознатлива. Малкумина од граѓаните на Скопје знаат која е и каде се наоѓа. Кога минувате по мостот имате чувство дека другите скулптури како да ѝ го одземаат просторот, но и дека нејзината фасцинантна големина, вперениот поглед во небото, многубројните култни бронзи на нејзината витка става што на мошне специфичен начин ги има доловено нејзиниот автор, академскиот скулптор Сретко Јовановски, како да бараат поотворен, поширок простор за заслужена доминација.

Скулптурата на пајонската свештеничка, која е висока 3 метри по лиењето во бронза во Смедерево, Србија, од 2009 година, најнапред стоеше во дворот на Музејот на Македонија за подоцна да биде пренесена на новиот мост „Око“, во фонтаната во неговиот централен дел. Базирана е на оригинални артефакти и укажува на постоењето на ексклузивниот археолошки наод, кој, според археологот проф. Драги Митревски, буквално напиша нова страница од историјата.

– Имам посебна наклонетост кон таа скулптура, имам многу пофалби за неа и, веројатно, по тоа ќе ме паметат. Познат сум и по други скулптури, но кога луѓето ќе ја видат пајонската свештеничка се воодушевуваат, се фотографираат и туристи до неа. Не се повторува веќе тоа, се случи и јас почувствував дека сум направил нешто необично. Но таму на мостот меѓу мноштвото скулптури, таа навистина се губи. И мене ми пречи целото тоа огромно количество скулптури околу неа, нејзината позиција, тоа ѝ дава целосно друга димензија – вели Сретко Јовановски, кој работи како конзерватор на камена пластика во Музејот на Македонија. Првата мала верзија на оваа скулптура тој ја изработи во 2005 година, а за нејзиното моделирање е снимена и телевизиска репортажа.

Реконструираниот гроб од Лисичин Дол во постојаната поставка

– На крајот од низата предмети, кои виселе на нејзиниот преден дел, има еден во форма на афион, како чашка, од каде што нагоре се редат други и таа ги држи, што асоцира на кандило кај поповите. Јас го направив тоа да биде ликовно издржано и скулптурата си доби монументалност кога ја издолжив со погледот вперен кон небото. Не ја направив да биде фонтана, но таму ја поставија и една година се вртеше, и потоа застана – вели Јовановски, кој истакна дека „скулптурата зад себе има силна приказна, не е измислена, дека предметите што се претставени на неа се скоро автентични, малку се стилизирани. И дека целата е накитена и асоцира на нашите невести кога ги облекуваат со пафти“.

А „Гробот на пајонската свештеничка од Марвинци“ беше темата за месец септември 2018 година во Археолошкиот музеј, при што и на музејската фејсбук-страница беа поместени податоци за откривањето на исклучителното погребување во летото 1997 година, при археолошките истражувања на некрополата на Лисичин Дол во Марвинци.

Пајонската свештеничка

Од февруари, пак, исто така лани, овој музеј учествува во проект што го реализира со Институтот за ориентална и европска археологија (ОРЕА) при Австриската академија на науките во Виена насловен „Македонските метали – потекло, дистрибуција и технологии“ при што се вршат анализи и на предмети од типот „македонски бронзи“. Координатори на проектот се докторите на науки Александра Папазовска од Археолошкиот музеј на Македонија и Марио Гаврановиќ од Институтот за ориентална и европска археологија.

– Проектот е дел од еден поголем долгогодишен проект за метали на Балканот, во кој се испитуваат потеклото на металите, лежиштата на металите на Балканот преку археометалуршки анализи, кои се вршат во лабораториите на Виенскиот универзитет од страна на Матиас Мехофер, конзерватор од Институтот за применета наука (ВИАС). Целта е да се направат анализи со кои ќе добиеме податоци за составот на металите со кој се изработени предметите, кои се предмет на истражување, да се одреди нивното потекло и да се определи односот на предметите откриени на различни територии (во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска). Во моментот се работи на семплови од 70 предмети, меѓу кои голем дел се предмети од типот на т.н. „македонски – пајонски бронзи“. Анализите се во тек и се надеваме дека наскоро ќе имаме повеќе податоци за овие предмети – рече кустос советничката Александра Папазовска.

На прашањето дали гробот на пајонската свештеничка сѐ уште привлекува внимание во научните кругови, Папазовска потсети дека „гробот 15 е исклучително погребување на женска индивидуа на возраст од околу 35 години, со богат инвентар на гробни дарови и дека беше откриен при археолошките истражувања на некрополата од железно време на Лисичин Дол во близината на селото Марвинци од страна на археолозите: Златко Видески, Страхил Темов и професорот Драги Митревски“.

– Меѓу најзначајните предмети што се откриени како гробни дарови, се предметите од типот на т.н. македонски, односно пајонски бронзи, кои редовно се поврзуваат со женски погребувања. Доминантно место зазема церемонијалниот појас, составен од голема кружна плоча изработена од бронза прикачена на појас од органски материјал на кој биле пришиени повеќе од стотина калотести копчиња и композитен предмет, кој завршува со висулец во форма на афионова чашка во кој биле откриени остатоци од опиум. Ваквите предмети откриени во оригинална позиција, се ретки во гробовите од железното време. Истражувачите на ова погребување укажуваат на фактот дека статусот на покојничката е поврзан со одредена категорија луѓе, кои имале посебно место и улога во заедницата, односно со можноста дека определени жени во заедницата биле чувари на култните вредности и религиозните активности во заедницата. Ова погребување секогаш нуди новини во сферата на археолошките истражувања и затоа сѐ уште многу археолози работат на дорасветлување на неговото постоење. Во последно време истражувањата се насочени и кон комплементарните дисциплини ако археометалургија и слично – рече Папазовска. Таа посочи и дека е задоволна од начинот на презентацијата и од интересот што и денес го предизвикува ова исклучително и ретко погребување.

– Секако, постои можност за дополнување на сознанијата преку новите истражувања, кои се во тек, за личноста што несомнено имала мошне важна улога во заедницата, која егзистирала во железното време по долното течение на реката Вардар – рече таа. А музејската водачка Марија Димишковска, пак, вели дека посетителите на постојаната поставка се интересираат за скулптурата, за гробот на свештеничката.

Сретко Јовановски

– Ова погребување и начинот на кој е експонирано во поставката побудува голем интерес кај посетителите. Најчестите прашања што ги добиваме како водачи во музејот се: колкава е возраста на покојничката, дали скелетот во гробната реконструкција е оригинален, од кои материјали се изработени предметите што се изложени во реконструкцијата, која е намената на висулецот во форма на афионова чашка и на дискот, кој е поставен на појасот, како знаеме која била улогата на жената што била погребена со овие предмети, колку е реалистична претстава на реконструкцијата на свештеничката, која е причината за нејзината смрт и уште многу други – вели Димишковска. Стручните одговори ја содржат приказната за свештеничката од Лисичин Дол, за култните бронзи, но сѐ уште истата не е доволно афирмирана преку различните современи музејски форми за да стигне до различни генерации на граѓани од Македонија и надвор од неа.

Со тоа се согласува и професорот Драги Митревски, кој укажува и дека времето треба да го направи своето. Посочува на примерот со претставата на наодот на Големата мајка од Тумба Маџари, која по 40 години од откривањето на овој неолитски локалитет денеска е препознатлива во јавноста. Овој професор на Институтиот за историја на уметноста со археологија во Скопје и денеска со голем жар говори за откривањето на гробот 15 во Лисичин Дол, од седмиот век пред нашата ера, кој бил полн со култни пајонски бронзи. Укажа дека при истражувањето на гробот учествувал и археологот Марјан Јованов.

– Истражувајќи ја некрополата од железно време, одеднаш се појави тој гроб, најстариот, иницијалниот, најдлабоко вкопан во конструкција, која беше обична правоаголна јама и во неа сите предмети беа врзани за едно женско погребување. И кога се отвори горе беше покриен со камени плочи, а кога го отворивме и видовме куп бронзи веднаш се мобилизиравме, го празневме скоро цел ден. Беше опасно да се изгуби некој податок од контекстот на нивното наоѓање и затоа ние правевме буквално директен пренос. Снимавме и видео и аудио. Извадивме стотици предмети во еден ден. Овој гроб ни кажа сѐ, за што се работи, како се користеле култните бронзи, кој ги практикувал и затоа тоа стана едно од најзначајните откритија во нашата археологија. Пајонската свештеничка, култните бронзи се израз на развиени религиозни, ритуални и уметнички сфаќања. Сега таа е афирмирана во научните кругови и во светот, но и кај нас ѝ треба поголема афирмација, а тоа е работа на националните институции, со книги, изложби, туристички експонирања, има многу начини да ја доближиме до луѓето – вели Митревски.

Драги Митревски