Деновиве прочитав дека 70 отсто од граѓаните на Македонија не можат да си дозволат да одат на годишен одмор. Причината не се спомнува, но е многу едноставна – луѓето немаат пари. Исто така беше објавен и податок дека 40 отсто од Македонците го поминуваат времето пред телевизор. Ова се поразувачки податоци за еден народ што живее во Европа. На што се должат овие податоци. Повеќе од јасно е дека во прашање е немање пари. Кој е тој Македонец што не сака сам или со семејството да помине десетина дена на одмор на море, на планина, во странство или дома во некое туристичко место.

Но како да оди на одмор кога просечната плата е 24 илјади денари (400 евра), а потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство изнесува 32-33 илјади денари, или над петстотини евра. Тоа е просечната плата гледано статистички, но во реалноста таа кај мнозинството вработени е со неколку илјади денари помала. Од што да заштеди, каде може да се скуси од парите за да се зачуваат пари за одмор.

И што да прави човек без пари во слободното време освен да дреме пред телевизорот, да гледа турски серии, дебатни емисии и лажни вести. Најинтересно е, од друга страна, што и телевизиските програми се под секоја критика, под секој критериум. Еден филм – илјадапати. Една емисија за што било – дали за славното минато со комитите, за партизански филмови заборавени во некоја кинотека, репортажа за некој град или село, трипати на ден и трипати во текот на ноќта.

Овие статистички податоци покажуваат дека ниту е дојден живот ниту, пак, се гради едно општество за сите. Капитализмот што се гради во Македонија не може да биде општество за сите. Тоа е општество за богати, не е за сиромаси, какви што се македонските граѓани. Сегашната ситуација покажува дека во Македонија рапидно се зголемуваат социјалните разлики во полза на богатите.

Сега сите надежи се вперени во зачленувањето во НАТО и којзнае кога во ЕУ и, на таа основа, се ветуваат ридови и долини, големи плати, висок стандард и слични шарени лаги. Статистички гледано, за да се доближи економски Македонија (денес Република Македонија утре Република Северна Македонија) до сегашниот европски просек ѝ требаат меѓу триесет и педесет години. Тоа е многу далеку, од денешен агол гледано, речиси недостижно. Во меѓувреме развиените земји ќе одат уште понапред. Ние постојано ќе бидеме на опашката.

Петар Милев, Штип

Фото: Игор Бансколиев