Македонскиот читател е желен и жеден за добра, необична, експериментална, игрива, весела, нездодевна, авантуристичка, фантастична книга за деца и млади. Но за такви книги треба патување и сонување, а не седење дома, вртење во круг, реторичко и напразно фразирање и мудрување, вели писателот Христо Петрески

„Македонската литература за деца и млади овде и сега“ беше насловена трибината што во организација на издавачката куќа „Феникс“ и фондацијата „Македонија презент“ минатата среда се одржа на универзитетот ЕФТА во Скопје.
Иницијатор за одржувањето и водител на трибината беше проф. д-р Христо Петрески, кој во своето излагање посочи дека „македонската литература не дека сосема ја нема, ја има колку-толку, но недоволно и таа е главно лоша, замор(е)на, старомодна, доодена, неинвентивна и некреативна и не одговара на современите барања и стандарди“.

Во споредба со литературите за деца во опкружувањето, односно на Балканот, па и во Европа и во светот – таа е недуховита, нелуцидна и неактуелна. Нејзе, а автоматски со тоа и на младите читатели, ѝ недостигаат живост, спонтаност и игра.
– За жал, македонската литература за деца не кореспондира со сегашноста и современите теми и она што е најлошо и најстрашно – не се применуваат нови, различни, креативни и инвентивни постапки и методи. Наједноставно кажано: нема интеракција меѓу писателот и читателот и сосема погрешно и неоправдано таа многу често се нарекува детска, а не литература за деца и млади. Македонскиот читател е желен и жеден за добра, необична, експериментална, игрива, весела, нездодевна, авантуристичка, фантастична книга за деца и млади. Но за такви книги треба патување и сонување, а не седење дома, вртење во круг, реторичко и напразно фразирање и мудрување – рече Петрески.

Според него, за да тргнат работите на подобро неопходна е нејзина темелна трансформација и реформа, а не инерција и самозадоволство.
– Ако навистина сакаме нови и добри книги, треба да се свртиме и започнеме токму од литературата за деца и млади, која истовремено создава, односно анимира и афирмира и трајни и верни читатели, но и нови и модерни писатели – посочи Петрески.

Учесниците на трибината: професорите на кои токму литературата за деца и млади им е во фокусот на интересот, Весна Мојсова-Чепишевска, Мето Спасевски, Виолета Димова и Елизабета Пандиловска се на мислење дека се потребни нови теми, посериозен третман, мотивирање на авторите да пишуваат за најмладите….

– За да се направат книги со нови мотиви што ќе ги заинтересираат нашите млади генерации треба да се загатнат и табу-теми во литературата за деца. На пример, кај нас сѐ уште нема книги од деца за деца, за аутистични и за други деца со посебни потреби, поточно можности, за начинот на кој тие го доживуваат светот околу себе. Потоа треба да се пишува и за животот на децата во згрижувачки семејства, за семејното насилс тво, за децата со физички хендикеп, кои се вистински херои со своите постапки.Со еден збор, треба да има нови моменти што се јавуваат во европска и светска литература за деца – вели Чепишевска.
За професорот Мето Спасевски на македонската литература за деца ѝ е неопходно освежување.

– Ние не можеме да бидеме заробеници на една конвенционална литература за деца, а таа е резултат на слабо регрутирање нови творци, недостиг од книжевна критика за деца, стивнати се литературните манифестации, нема креативен мегдан. Сето тоа е значајно за создавање творечка клима, во која ќе може да се согледа каде е нашето место на Балканот и пошироко. Потребни се и повеќе вакви средби за да излеземе од зачмаеноста, анимирање на сите сегменти, за почеток во ДПМ како наше творечко огниште – вели тој.

Професорката Виолета Димова исто така се заложи во литературата за деца темите и мотивите да се од светот на децата, а исто така да се обработуваат и теми за деца со посебни потреби, или можности како што нагласи таа.

– Треба да се мотивираат творците да пишуваат за нештата што постојат околу нас, во нашето опкружување и да се размислува како тие книги на вакви теми да се пласираат, да се доближат од другите деца. Неопходна е стратегија за поголема транспарентност на оваа книжевност, наменета за родители и за деца, бидејќи секоја книга има порака и поука – вело Димова.
Според Елизабета Пандиловска од Педагошкиот факултет, за децата од најмала возраст е неопходно да читаат на мајчин јазик, со што кај нив ќе се развие љубов кон убавиот пишан збор.

– Неопходно е и поттикнување литература за деца напишана од деца, организирање литературни конкурси, натпревари, активирање на литературните секции во училиштата – смета Пандиловска.
Според Васил Тоциновски, писател и книжевен критичар, секоја литература не може да постои без литературни списанија за деца, што веќе одамна ги нема, во кои авторите би ги објавувале своите најнови дела. Тој посочи дека во соседна Србија постојат 26 книжевни списанија за деца и млади.

– Потребно е запознавање со млади автори, нивна афирмација, наградување. Доколку го нема тоа нивните дела нема да допираат далеку. А најчесто авторите што пишуваат за деца не стануваат ни членови на ДПМ, а со тоа се оневозможени да добијат и награди и признанија, поточно верификација – рече Тоциновски.
За поетот Перо Миленкоски, убава вест е што списанијата за деца повторено се враќаат во училиштата, бидејќи тие се многу важни во формирањето на детската личност.

– Литературата за деца има безброј аспекти, за која целото општество треба да има поголема грижа. Книгата не може да се искорени и оддалечи од детето. И не се согласувам сосема дека нема добри автори за деца. Македонската литература има дела со кои може да се горде и тие треба повеќе да се преведуваат – вели Миленкоски.

Ели Маказлиева, од „Едукамак“, издавачка куќа што издава само литература за деца откри дека таа лично како прв човек на издателството веќе подолго време е во потрага по нови автори.

– Нема модерни, современи автори. Писателите се демотивирани, нема награди и признанија за оваа литература, манифестации каде што ќе може да се вреднуваат како автори. Токму затоа треба да се организираат почесто вакви трибини, да се водат разговори и дебати за литературата за деца, да се издаваат антологии. Секако во сето ова неопходна е поддршката од медиумите – рече Маказлиева.

За Трајче Кацаров неопходно е да се најде клучот за влез во детскиот свет.
– Јас во моите творби се трудам да создадам свет, но не сама, туку во соработка со децата. Сакам да сум писател кој соработува со читателите и се надевам дека ќе успеам во тоа. Во градењето на тој книжевен израз во голема мера се служам со духовитоста и остроумието и создавам свет во кој сите одлуки, решенија се донесуваат со консензус. Јас пишувам, ама децата одлучуваат на што од напишаното ќе му ја отворат влезната врата на нивниот свет – заклучи Кацаров.