Луѓето од културата се надеваат дека ќе се смени само името на државата, но не и атрибутот „македонски“, и оттука дека ќе останат македонски писатели, музичари, актери при своите настапи во странство, а јазикот, музиката, уметноста ќе се именуваат единствено како македонски

Луѓето од културата, уметноста, популарната музика како наши најголеми амбасадори, со голем број контакти и претставувања надвор од границите на земјава, сметаат дека би било апсурдно да ги нарекуваат северномакедонци при нивните настапи во странство, а што се однесува до преименувањето на институциите во кои работат некои од нив, велат дека е одлука што веројатно ќе биде донесена на друго ниво.
Со каков интензитет и во кој временски рок придавката „северна“ ќе влезе во употреба кога станува збор за големите меѓународни манифестации од културата и забавниот живот на кои Македонија има свои претставници останува отворено прашање.

Македонија пролетва ќе настапи на една од најголемите европски манифестации од областа на популарната музика, „Евровизија“, која ќе се одржи во мај во Тел Авив, Израел, а на која ќе нѐ претставува Тамара Тодевска, со настап во второто полуфинале, на 16 мај. Од Македонската телевизија информираат дека на извлекувањето нашата земја била означена како БЈРМ.

– Сѐ уште немаме официјална информација за промена на името, а дотогаш ќе нѐ именуваат како БЈРМ – велат од МРТ, носител на лиценцата за овој престижен фестивал.

Македонија досега се претставила 18 пати на овој музички натпревар и секогаш како поранешна југословенска Република Македонија, уште од дебито во 1998 година. Песните најчесто се пееле на македонски јазик, или комбинирано со англиски рефрени.

Сепак, некои од релевантните веб-сајтови што ја следат „Евровизија“ веќе ја прекрстија земјава во Северна Македонија. Последната вест на страницата eurovisionworld.com гласи: „Тамара Тодевска е избрана да ја претставува Северна Македонија на ’Евровизија 2019’ во Тел Авив“, а и понатаму во текстот, каде што се зборува за нашите поранешни учества на манифестацијата, земјава се именува со новото име. Веб-сајтот escxtra.com, во текстот посветен на нашето учество, има посебен дел за грчкиот спор за името, а текстот носи наслов „Добре дојде, Северна Македонија“. На веб-сајтот eurovisionary.com во насловот на текстот стојат двете имиња – БЈРМ и во заграда Северна Македонија, а во текстот се наведува дека сѐ уште е неизвесно под кое име „оваа балканска земја“ ќе настапи на „Евровизија 2019“.

– Ние сѐ уште чекаме официјална потврда од Обединетите нации, која ЕБУ (Еуриопиан броудкастинг јунион) потоа ќе ја следи – велат организаторите од Тел Авив.

Од случувањата на кои македонската култура ќе се претстави во скоро време е и Берлинскиот филмски фестивал, каде што годинава имаме филм во конкуренција за „златната мечка“, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска. На официјалниот веб-сајт на Берлиналето во објаснувањето за филмот стои дека станува збор за копродукција на Македонија (без никакви додавки), Белгија, Словенија, Хрватска и Франција.

Македонскиот писател Александар Прокопиев, кој има динамична меѓународна агенда на претставувања по светот, вели дека можеби е сѐ уште рано, но досега не се соочил со преименување на земјата од која доаѓа, барем не на неодамнешните книжевни претставувања во Букурешт и во Загреб.

– Секогаш сум се претставувал и ме претставувале како македонски автор, и никако поинаку. За секој уметник, писател, филмаџија, актер што веќе има воспоставено меѓународни контакти и соработка со одредени кругови во странство, а тоа се контакти што траат со децении, би било глупаво да биде преименуван како северномакедонски. На пример, дури и кога станува збор за писатели од Северна Ирска, тие секаде се нарекуваат ирски писатели, можеби нивната фудбалска репрезентација е репрезентација на Северна Ирска, но уметниците секако не се именуваат како северноирски. Брутално би било македонската литература исто така да се нарекува северномакедонска литература. Од друга страна, вие имате северноамериканска книжевност, или хиспано-книжевност, но со тоа се има намера да се укаже на јазикот што ја обединува таа литература, затоа што тоа географско подрачје е под влијание на шпанскиот јазик – вели Прокопиев.

Инаку, тој долги години работи во Институтот за македонска литература, па кога се во прашање институциите, или како оваа институција би била претставувана на конференции надвор од земјава, Прокопиев нема одговор.
– Според мене, апсурдно е Институтот за македонска литература да се преименува во Институт за северномакедонска литература, но сепак тоа е решение што веројатно ќе биде донесено на друго ниво – вели тој.

Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетска професорка, лекторка и членка на Советот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, вели дека во името на оваа институција нема основа да се менува ништо.

– Зборуваме за македонскиот јазик, историски гледано, а договорот стапи во сила од јануари 2019 година. Јас веќе четири-пет години сум членка на Советот на семинарот и лекторка и работам со странци што го зборуваат македонскиот јазик на највисоко ниво. Искрено, на сите нив овие промени тешко им паѓаат, но да се надеваме дека, како што стои во договорот, ќе се смени само името на државата, но не и атрибутот „македонски“, кој ќе остане ист. А што се однесува до меѓународната комуникација, таа во најголемиот дел се одвива електронски, така што и тука сѐ се одвива како и досега – нагласи професорката Мојсова- Чепишевска.

Томислав Таневски, раководител на детскиот центар за музикотерапија „Џунџуле“, смета дека нема да се смени името додека одлуката не помине во ОН.
– „Џунџуле“ во 2001 година во Светската федерација беше примена под името Република Македонија. Никако нема да се смени името сѐ додека таа одлука не помине во Обединетите нации – вели Таневски.

Стефче Стојковски, музичар и организатор на Меѓународниот семинар за македонски фолклор, пак, вели дека некои соработници веќе ги ословуваат со Северна Македонија.

– Некои соработници од странство почнаа да нѐ ословуваат како Северна Македонија, но јас реагирав и им посочив дека не го прифаќам, тоа тие се извинија и сега повторно нѐ ословуваат само како Македонија – вели тој.

На официјалната страница на УНЕСКО, најголемата организација за култура, наука и образование на Обединетите нации, Македонија сѐ уште стои под називот БЈРМ. В.Д. М.Т.