На барикадите

Едни од често поставуваните прашања во детството на мојата генерација имаа црно-бел карактер, од типот, дали си панкер или хипик или за кого навиваш – за Американците или за Русите, за Црвена звезда или за Партизан (поретко за Вардар)…, со еден збор, избори што исклучуваа, или вклучуваа, исклучувајќи ги оние што избираа поинаку. Но повеќето, ако не сите, незаобиколно ја поставуваа силата како референтен објект и изборот на посилниот, како референтен субјект. Дури и изборот меѓу панкот и хипито имаше на таа возраст помалку врска (ако воопшто) со музиката и музичкиот вкус, одошто со прифатениот стил на изразување што индицираше припадност. Вредносната компонента на таа припадност (што, пак, беше дисидентска по природа) беше запоставена, што соодветствуваше на „инфантилноста“ на детството. Всушност, и хипито и панкот претставуваа пред сè форми на културен револт во различен општествен контекст и кажани на различен дискурс.

Панкот имаше за цел да шокира и предизвика. Хитовите на „Секс пистолс“, како онаа „Анархија во Обединетото Кралство“ (Anarchy in the UK) или „Господ да ја чува кралицата“ (God Save the Queen) отворено ги омаловажуваа британскиот политички систем и црната страна на британската историја и култура на дотогаш невиден начин.

Хипи-движењето, пак, изникна како контракултура во шеесеттите години на претходниот век и против политичката ортодоксност на американскиот естаблишмент, со тогаш актуелната војна во Виетнам и трката за нуклеарно вооружување. Паралелно со тогашната левица, хипи-движењето ќе израсне во една од дисидентските групи што отворено (но ненасилно) го предизвикаа не само актуелниот политички поредок туку и пошироката општествена нормираност, избирајќи ги за свои именители љубовта, мирот и личната слобода. Позајмувајќи од учењата на Буда, Исус, Дејвид Торо, Ганди и други, хипи-движењето ќе стане препознатливо како антивоено и пацифистичко, служејќи како инспирација на низа подоцнежни движења за враќање кон природата, за органска храна, алтернативна енергија и слобода на печатот…

Накратко, и панкот и хипи-движењето претставуваа културни феномени што го надминуваа бинарното инфантилно етикетирање на изборот: дали си панкер или хипик, како и неспоредливите аналогии за тоа кој е посилен, Брус Ли или Супермен, Тито или Тарзан?

Децата на оваа инфантилност, како и оние што ѝ претходеа, одамна пораснаа, проголтани од поделбата на улоги во новото потрошувачко општество. Малкумина останаа на неолибералната ледина, на работ на минливоста, неспоредливо мали наспроти предизвикот на она што треба да се промени, но незаменливи. Како винските мушички, „задолжени“ за една неверојатна трансформација без која е неможно чудото на претворање на водата во вино, а потоа и двоење на бистрото од матното.

Октомври, пак, е месец на почеток на оваа трансформација, барем во винските подруми. Оние другите, над земјата, уште не почнале да вријат, иако сè е одамна подготвено, уште од пролетта, ако не и претходно. Мелницата е поставена и винарите се на број. Токму колку што треба. Температурите се повторно во пораст, а „ширата“ е заситена со квасец. Сè е зашеќерено по мера. Само ја нема мушичката. Едноставно, не излезе. Бојкотираше.

Каква-таква, мала и речиси невидлива, пресудна е. Без неа нема трансформација, не онаква што се посакува. Тоа, пак, значи само едно, ширата ќе остане блага извесен период, а потоа (веројатно напролет) ќе скисели и не ќе може да се пие. Евентуално, од неа ќе може да се приготви оцет, но оцетот е погоден само за освежување и освестување, последново е и научно докажано. Но не е за слави и прослави. Од него не црвенеат образите и не чука побрзо срцето. Ниту затоплува на студот, макар и навидум.

А ледина ко ледина. На мушичката не ѝ пречи ни студот на ледината, ни валканата берба. Таа е подготвена да го направи чудото можно и вредно да си го најде своето место помеѓу луѓето и здравиците, прославите и неславните моменти, во победите и поразите.

Таа е како оној дваесетгодишен палестински протестант против израелската окупација на Газа, чија иконска фотографија на младич со разголени гради и развеано знаме го заобиколи светот, како симбол на една исконска борба, не само палестинска, но универзална и човечка. Веројатно и поради неверојатната сличност со сликата на Делакроа „Слобода на барикадите“ (на сликата е женски лик, на фотографијата – машки) и особено заради персонификацијата на слободата во ликот на барикадите.

Делакроа својата инспирација ја црпел на протестите во Париз во далечната 1830 година, за време на Јулската револуција (позната уште и како Втората француска револуција), која започнува поради кралскиот декрет за забрана на слобода на печатот и исклучување на средната класа од правото на гласање, што ќе доведе до пад на монархијата на Бурбоните. Без ликот на тие протести, и понатаму ќе го „имавме“ Делакроа, но не и ова негово дело. Без таа „мушичка“ пак на барикадите, можеби и Французите ќе пиеја денес поинакво „вино“ на слободата.

Боите на знамето што го држи овој млад човек, и покрај живите контрастни бои на сивата, постпродукциски засилена заднина, ги отстапуваат перцепцијата и предноста на говорот на телото, кое зрачи со предаденост, верба и хероизам, лесно перципирани и препознатливи, независно под кое знаме стоиме. Дотолку повеќе поради спонтаноста и „незнаењето“ на протестантот. Оваа „добитна“ комбинација за секој фотограф, циниците ќе ѝ ја припишат на младоста, поточно на инфантилноста на младоста, доброволно слепи за инфантилноста на човековата зрелост, која придонесува токму таа, младоста, да излезе на барикадите.

Инфантилно е што речиси истата глетка се повторува по двесте години, случајно уловена од „соборец“ на Делакроа. Последниов, по повод сликата, во писмо до својот брат ќе му напише дека ја избрал барикадата како нешто модерно, и кога веќе не се борел за својата земја, тогаш барем да слика за неа.

Во таа непрекината историја на инфантилност, не би можеле да се добројат сите оние глетки и незнајни херои никаде ненасликани, а кои заминуваат на големото буниште на историјата, во незнаење. Сеедно, во нивна чест има паметници. И веројатно најмногубројни се паметниците на незнајните херои, зашто паралелно со историјата на насилството постои уште една уште поважна историја, а тоа е историјата на отпорот против секаков вид деспотизам, на лишените и угнетените, историјата на малкутемина или на малцинството, на заедници и народи. Поголемиот дел од таа историја (ако не и целата) се одвива на темносива заднина, насликана неретко во претпродукција со инфантилноста на црно-белите прашања спакувани во избори, како она дали си за Американците или за Русите, за НАТО или за крајот на патот.

Иако сметам дека прашањето „за што“, а не „за кого“ вредносно определува, би ја избрал онаа „мушичка“ без која нема ни вино, ни чуда, ни историја.
Еве, кај да е, ќе застуди и ќе разбистри цибрината. Но мушичката мора да си го „одработи“ чудото за да се одвои бистрото од матното. Сеедно што во винските подруми матното паѓа удолу, а во земните подруми – угоре.

За крај: македонската ракометна репрезентација доживеа пораз од Грција во квалификациите за Европското првенство, што наиде на изненадување во јавноста. Се заборава дека на теренот влегоа веќе понижени, на едни други барикади, што треба други да ги бранат. И безимени. А тоа не е ниту спортски ниту човечки.

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)