Историјата на автомобилскиот дизајн е полн со смели обиди за создавање различни возила во однос на изгледот и начинот на работа. Најсмелите од овие обично се концепт-автомобилите, кои не се ограничени со практичност или владини регулативи. Затоа автомобилските дизајнери во ваков случај можат да ја изразат својата креативност надвор од вообичаените граници. Креаторите при дизајнирањето обично ги балансираат естетиката, функционалноста и нивниот личен поглед кон иднината кога создаваат автомобил. Но во одредени случаи резултатите од овој креативен процес оставаат дизајни на автомобили за кои луѓето се запрашуваат како некој воопшто би помислил дека тоа е добра идеја. Ќе наброиме неколку чудни дизајни на концепт-автомобили, кои не заживеале да се видат на улиците во светот.

„Ферари (пининфарина) 512С модуло“ 1970 г.
Дизајнерската фирма „Пининфарина“ има произведено повеќе познати дела, но автомобилот „ферари 512 С модуло“, кој го создаде за време на Саемот за автомобили во Женева во 1970 година, беше еден од почудните дизајни во тоа време. Дизајнерот Паоло Мартин го има создадено бизарниот дизајн. „Модуло“ има екстремно ниско и клинесто тело, со стаклен покрив во форма на крошна, кој се лизга напред за да влезе во кабината на автомобилот. Друга посебна карактеристика се 24-те дупки во капакот на моторот што го откриваат моторот на „Ферари“ В12, кој развива максимална брзина од околу 354 километри на час и има забрзување од нула до 97 километри за 3 секунди.

„Генерал моторс фајербирд 1 ХП-21“ 1953 г.
За да го опишеме настанувањето на денешните суперавтомобили, треба да се навратиме во времето на борбените авиони преку автомобилите на Коенигсиг и Паганис. „Генерал моторс фајербирд 1 ХП-21“ од 1953 година е еден од првите вакви автомобили, кои навистина личат на борбен авион. Тој има четири тркала, перка на задниот дел и меур-кабина како борбен авион. Тој е напојуван од турбински мотор, има до 26.000 вртежи во минута и генерира неверојатни 370 коњски сили.

„Еуф електрик“ 1942 г.
Во 1942 година беше создаден „еуф“ или попознат како електричното јајце. „Еуф електрик“ има три тркала и е напојуван од батерии неколку децении пред Елон Маск. Неговиот дизајнер, парижанецот Паул Арзенс, работел како сликар и дизајнирал железнички локомотиви пред да се пренасочи кон дизајнирање на автомобилите. Школката на автомобилот е изработена од рачно формиран алуминиум и заоблен плексиглас, а за тоа време овој материјал претставувал иновативен материјал и новост.

„Стоут скараб“ – 1936 г.
Дизајнерот Вилијам Стоут работел како инженер на авиони пред да се насочи кон дизајнирање на автомобилите. Тој бил пионер во интегрирањето луксуз и уживање во транспортот. Стоут Аир Линес почнал да воведуваат придружници и оброци на летот. Автомобилот „скараб“ се потпира на таа идеја и тој претставува патнички автомобил за уживање при транспортот. „Скараб“ е придвижуван од В8-мотор „форд“ во задниот дел од истегнатото алуминиумско тело на автомобилот. Овој автомобил чинел 5.000 американски долари, околу 90.000 американски долари денес. Бил поскап од „пакард“ и од „кадилак“ во тие денови и затоа биле произведени помалку од десет вакви автомобили.