Како и претходните две децении, така и годинава, најстариот кичевски Дедо Мраз допатува од родната Лапонија и се смести пред едно фотографско студио во градот, каде што во традиционална облека и со пробивен глас, едноставно ги мами најмладите жители од градот да му се приближат и заедно да се фотографираат.

Некои дечиња без страв му приоѓаат на Дедо Мраз, додека други претпазливо и испитувачки ја започнуваат краткотрајната дружба.

– Традицијата пред највеселата ноќ да се дружиме со најмладите жители од градот не изостана ни годинава. Дечињата со различно расположение ја започнуваат краткотрајната дружба,едни без нималку воздржаност ми приоѓаат и ме поздравуваат, додека други ме набљудуваат со преголем респект и кога јас ќе им пријдам, кај нив исчезнува стравот, а потоа се трудат што подолго да останат во мојата близина. За мене единствен проблем претставува студеното време, а во моментов недостига и снегот, кој го дополнува предновогодишниот амбиент – вели најстариот Дедо Мраз во Кичево.

Тој најави почеста дружба со најмладите пред највеселата ноќ.

– Како што се приближува највеселата ноќ така бројот на дечиња што ќе ме посетуваат ќе биде сѐ поголем и поголем, а со тоа и јас ќе заборавам на студот. Ако порано ми беше непријатно да се облечам во дедомразовска облека, денес и самиот пред овие празници не можам да се замислам без улогата на најславниот дедо во светот – вели со насмевка чичко Михајло.

Го затекнавме во време кога му приоѓаше едно малечко детенце, кое бестрашно му ја подаде раката и застана крај него да ја овековечат денешната средба на фотографија збогатена со календар за 2019 година.

Во духот на овие претпразнични денови, кога сѐ е дозволено, дури и некои повозрасни кичевци посакуваат да се фотографираат со најомилениот дедо на светот. 


Се кријат и еве ги, кога сите спијат

Овие
годишните времиња,
дали се кријат.
Па доаѓаат
кога децата – спијат.

Ете,
додека дење
студот и ветерот
низ гранки се сокриваат,
а утринава?
Веќе снегулките
градината ја покриваат.

А и овој март!
Ноќе понекоја мразулка
Капка по капка се смалува,
а утринава, дете
кокиченце погалува.

Па и летото
ноќе под ѕвездите
тивко листовите ги занишува.
Утрото,
осамнал топол ден
на летување
се запишуваш.

И оваа есен дење се крие
зад игрите на децата.
Ноќе, листовите ги обојува,
црвени и жолти по рабовите,
мирис што опојува.

А деновиве
и Новата година,
од Дедо Мраз подадена рака.
Еве ги ноќе пак
утрово, подарок до подарок
кој што си сакал!

Васил Мукаетов