Верувај ми, јас сум доктор. Тоа е позната и веќе излитена фраза, но како што открива меѓународното истражување на „Ипсос-МОРИ“, постои една група професионалци на која светот им верува уште повеќе – научниците. Во просек, во анкетираните 23 држави, 60 отсто од луѓето велат дека на научниците може да им се верува. Зад нив се лекарите, со 56 отсто, па наставниците со 52 отсто. На другиот крај на спектарот се политичарите и маркетинг-директорите, што веројатно и не изненадува премногу.

Сепак, дури и на врвот на скалата, 60 отсто и не се навистина толку голем дел од населението. Скептицизмот очигледно е мошне висок. Според анализите на „Ипсос“, државите со највисоки нивоа на недоверба се Аргентина, Јужна Кореја и Унгарија (сите резултати се понегативни во однос на резултатите од другите земји). Највисоко ниво на доверба е регистрирано во Кина, по што следуваат Индија и Канада.