Фото: Игор Бансколиев

Македонскиот вицешампион ја има најмладата екипа сезонава во Лигата на шампионите во ракомет, а можеби и најмладата екипа во историјата на најсилното клупско натпреварување, со просек од 20,1 години

Португалскиот првак Спортинг (утре од 19.30 ч.) ќе биде првиот предизвик за најмладата екипа сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ) во ракомет, Металург, а можеби и најмладата екипа во историјата на ЛШ, со просек од 20,1 години.
Младиот тим од „Автокоманда“ сезонава ќе има тешка задача во најсилното европско ракометно клупско натпреварување, во кое главни адути ќе им бидат младоста, борбеноста и желбата за надигрување со посилните и поискусни од себе.

– Ни претстои сериозен противник и уште еден тежок тест е пред нашата млада екипа. Без разлика што имаме повредени играчи и што се „крпиме“ на клупата, очекувам вистински добар натпревар, бидејќи и вака добро изгледаме и напредуваме од натпревар на натпревар – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург, пред поаѓањето за Лисабон.

Металург немаше среќа во почетокот на сезоната, бидејќи по трите одиграни натпревари од Регионалната лига остануваше покус за по еден играч. Се повредија десните бекови Марти Велковски (истегнати лигаменти на коленото) и Томислав Јагуриновски (превиткан скочен зглоб) и левиот бек Марио Танкоски (превиткан скочен зглоб), па за претстојниот меч со Спортинг тренерот Брестовац ќе треба да комбинира со остатокот од играчите што ги има на располагање.

– Добро е што за овој меч ќе имаме плус двајца играчи во ротацијата, пикерот Адријан Миличевиќ и централниот бек Лука Стојановиќ. Се надевам дека во скоро време ќе се комплетираме, а потоа и резултатите сами ќе си дојдат – додаде Брестовац.
За Металург ова ќе биде 11-та сезона во ЛШ, или осма во низа, а четврта во групите Ц и Д. Најдобар пласман на Металург се двете четвртфиналиња, во сезоните 2012/2013 и 2013/2014, а во последниве три сезони (во групите Ц и Д) најдобрата сезона за Металург беше 2016/2017 во која завршија на третата позиција на табелата. Во минатата сезона металурзите забележаа две победи и тоа дома над Спортинг (28-27) и на гости над Чеховски Медведи (32-26).

Металург сезонава ќе игра во групата Ц каде што противници ќе им бидат португалскиот првак Спортинг, турскиот шампион Бешикташ, данскиот вицепрвак Силкеборг, рускиот првак Чеховски Медведи и словачкиот шампион Татран. 


Додиќ со 15 години може да дебитира во елитното натпреварување

Покрај тоа што Металург сезонава го има најмладиот тим во Лигата на шампионите, со просечна возраст на ракометарите од 20,1 години, тимот од „Автокоманда“ во своите редови го има и најмладиот пријавен ракометар за најелитното натпреварување. Левиот бек Стефан Додиќ има само 15 години. Изминатите две сезони Додиќ беше дел од екипата на Металург 2, со која стигна до титулите младински и кадетски првак на Македонија, а беше дел и од натпреварите во Суперлигата и плејаутот. Та.Д.