Најмалку 13 лица, меѓу кои и заменик-шериф, се убиени во престрелка во бар во сојузната американска држава Калифорнија. Во инцидентот се ранети и десет лица, а полицијата соопшти дека меѓу убиените е и напаѓачот.

Американските медиуми пренесуваат дека напаѓачот, чиј идентитет не е соопштен, прво фрлил димни бомби пред објектот во градот Таузенд Оукс, во кој имало околу 200 лица. Потоа, тој ги нападнал обезбедувањето и благајничката, по што почнал да пука и кон посетителите на кантри-барот „Бордерлајн“.

Локалниот шериф Џеф Дин изјави дека во инцидентот се повредени десетици луѓе. Меѓу загинатите е и заменик-шерифот Рон Хелус, кој прв пристигнал во барот, откако била повикана полиција. Кога тој пристигнал на самото место, сѐ уште се пукало. Хелус им подлегнал на повредите во болница. Дин изјави дека идентитетот на напаѓачот сѐ уште не е познат и оти осомничениот веќе бил мртов кога полицијата пристигнала на местото на нападот.

– Сѐ уште е рано да знаеме дали самиот си го одзел животот – истакна Дин.

Според сведочења на очевидци, напаѓачот продолжил да пука и по пристигнувањето на полицијата. „Лос Анџелес тајмс“ наведува дека тој истрелал најмалку 30 куршуми. Поголемиот дел присутни во барот биле студенти, а по почетокот на престрелката настанал хаос, при што некои лица почнале да бегаат низ прозорците.

Инцидентот во Таузенд Оукс, кој се наоѓа на околу 60 километри западно во Лос Анџелес, се случува краток период по масакрот во синагога во Пенсилванија, во кој беа убиени 11 лица.