Постојат неколку работи што можат да го направат еден автомобил високопопуларен или непопуларен: неговата вредност, сигурност, иновативност, креативност и цена. Некои автомобили се познати затоа што ги задоволуваат основните потреби, како што е стигнувањето до одредена дестинација од точката А до точката Б. Други автомобили го задржуваат своето место на пазарот не затоа што се особено забележителни, туку затоа што не се особено забележливи, но функционални. Други, пак, се историски популарни бидејќи се први од таков вид. Ќе наброиме неколку автомобили што го издржале тестот на времето и претставуваат едни од најпродаваните автомобили во светот.

Русија: „лада рива“, 1980-2015 г., продадени 15 милиони
„Лада рива“ има заплеткана историја, која започнува со „фиат 124“ од 1966 година и продолжува како „ВАЗ-2101“ пред да стане „лада рива“ во 1980 година. Оттаму до 2015 година „лада“ продолжи да заработува и стигна до 15 милиони продадени возила во својот 35-годишен циклус. Автомобилот е едноставен на многу начини, им одговараше на многу руски возачи, кои бараат евтино и лесно одржливо возило, кое исто така може да се справи со екстремните временски услови, кои ги има во оваа голема држава.

Германија: „фолксваген голф“, 1974-2019 г., продадени 7 милиони
„Фолксваген голф“ е национален автомобил на Германија. Ниту еден друг автомобил не го доловува германскиот идентитет како „фолксваген голф Мк1“, неговите главни карактеристики се издржливост и стабилност. Тој ја претставува првата генерација на мали семејни автомобили произведени и продадени од „Фолксваген“. Продадените 7 милиони автомобили во земјата, кои продолжуваат да се препродаваат и денес, се само мал дел од 34-те милиони голф-автомобили продадени во светот досега.

Република Чешка: „шкода октавија“, 1996-2019 г., продадени 6,4 милиони
„Шкода октавија“ е мал семеен автомобил произведен од чешкиот производител „Шкода ауто“ од 1996 година. Го споделува своето име со претходниот модел произведен помеѓу 1959 и 1971 година. Досега има три генерации од модерната „октавија“. Моделот од 1996 година го претставува првиот модел. Чешкиот автомобил се подигна на многу солидна бројка во целокупната ранг-листа на земјата со 6,4 милиони продадени автомобили од почетокот на започнувањето на моделот во 1996 година. Во следните години „октавија“ ги зголеми продажбата и уделот на пазарот во сопствената земја, но истовремено ја зголеми продажбата надвор од неа, во однос на нејзините ривали. Производството на овој автомобил во суштина ја зајакна економијата на земјата.

Италија: „фиат уно“, 1983-1994 г., продадени 4 милиони
„Фиат“ во производствениот циклус на „уно“ има произведено повеќе од 6 милиони автомобили. Околу две третини биле наменети за домашниот пазар. Неговите серии 500 и 126, кои беа лесно достапни, евтини и компактни го правеа „уно“ еден од најбараните автомобили. Неговата мала површина и подвижност беа совршени за потребите на италијанскиот пазар. Исто така вистинско изненадување беше што успеа да оствари голема продажба во релативно краток период од 11 години.

Франција: „рено клио“, 1990-2019 г., продадени 3 милиони
„Рено“ има направено повеќе од 14 милиони автомобили „клио“ од почетокот на животниот век па до денес. Од тие 14 милиони, речиси една четвртина од автомобилите се наменети за домашната потрошувачка. Французите можат да бидат пристрасни кон нивните домашни возила, но според голем број експерти од автомобилската индустрија не може да се негира дека „клио“ е добар избор за автомобил денес, исто како порано од кога е започната неговата продукција во 1990 година. „Клио“ има значителен комерцијален успех, тој претставува еден од најпродаваните автомобили во Европа од неговото лансирање.

Шведска: „волво“ серија 200, 1974-1993 г., продадени 1 милион
Серијата 200 беше автомобилот што ја зацементира репутацијата на „Волво“. Сите што го знаат автомобилот велат дека се одликува со безбедност и цврстина. „Волво“ обезбеди речиси 3 милиони продажби на глобално ниво за автомобилот од серијата 200. Една третина од жителите во Шведска го користат овој автомобил. Исто така сега има движење создадено од новата, помлада генерација на шведски возачи, кои сакаат автомобили со остри рабови. Оваа генерација го продолжуваат духот на серијата 200 со тоа што продолжува да го прекупува и користи.