Момент од 12-та етапа на годинашниот Тур де Франс

Крис Фрум има годишна заработка од околу 3,5 милиони, а победникот на Тур де Франс ќе добие 500.000 евра

По Светското првенство (СП) во фудбал и по Летните олимписки игри (ЛОИ), велосипедската трка Тур де Франс е третото најважно спортско натпреварување во светот. За оваа констатација потврда се и бројките, кои говорат дека трката секоја година, само на телевизија, ја гледаат повеќе од 3,5 милијарди луѓе во близу 200 земји во светот. На нив треба да им се додадат и десетиците илјади што секојдневно, по традиција, секој јули се покрај патиштата во Франција, каде што поминува велосипедскиот карван.

Она што е сигурно е тоа дека годинава на Тур најдобрите на крајот ќе поделат вкупно 2.287.750 милиони евра, колку што изнесува наградниот фонд. Победникот во генералниот поредок (жолта маичка) ќе инкасира 500.000 евра, плус за секоја етапна победа по 11.000, како и други специјални бонуси, како што се оние за бројот на денови во жолтата маичка и слично. Второпласираниот ќе добие 200.000, третопласираниот 100.000 евра итн. Најдобрите во категориите најдобар ридски возач (зелена маичка) и најдобар млад возач (бела маичка) ќе добијат по 25.000, односно по 20.000 евра.

Тур де Франс се смета за едно од најнапорните спортски натпреварувања (годинава велосипедистите треба да извозат вкупно 3.351 км). Но, кога станува збор за паричните награди, велосипедистите ни оддалеку не се платени како во другите спортови. Некои фудбалери заработуваат по половина милион евра месечно и слободно можат да финансираат велосипедски тимови, барем некои од послабите.
Кога ќе се каже дека животот на професионалниот велосипедист е тежок, па и суров, главно се мисли и се споредува со оној на фудбалерите, со нивните маки и заработките, но уште повеќе со голферите или со тенисерите што победуваат на големите турнири. Кога Швајцарецот Роже Федерер минатото лето победи на Вимблдон, заработи околу 2,5 милиони евра, и тоа за 11,37 часа минати на терен, или околу 212.000 на час. За споредба, победникот на Тур годинава ќе заработи 500.000 евра за извозените 3.351 км за три недели.

Но ако се знае дека победникот на Тур по традиција наградата ја дели со клупските колеги (седуммина), тогаш станува јасно дека парите од трките не се главната движечка сила за велосипедистите, односно тие заработката ја бараат и ја наоѓаат кај богатите спонзори што стојат зад тимовите.

За Крис Фрум (33), кој на Тур победи четири пати во последните пет години, лани на шпанската Вуелта и годинава на Џиро д`Италија, британските медиуми, пред Тур, објавија дека во кариерата заработил над 14 милиони евра, или на годишно ниво околу 3,5 милиони. Дел од тие пари е од наградите на трките, а поголемиот дел од спонзорските и од комерцијални договори со тимот Скај. Но Фрум и другите врвни возачи што се главни во своите тимови имаат и вносни лични договори со производителите на здрава храна, спортска опрема и друго.

Велосипедистите во тимовите што се задолжени да се жртвуваат, да им помагаат и да ги штитат најдобрите, познати и како „поручници“ или најдобрите по најдобрите, заработуваат двојно и тројно помалку од нив, најмногу до еден милион евра годишно. Најголемиот дел од велосипедскиот карван на големите грантур-трки може да биде задоволен со заработка од околу половина милион евра по сезона, што не е мала бројка, но многу, многу помала од, на пример, просечен фудбалер во англиската Премиер-лига, чија плата е над два милиони евра годишно.