Понекогаш е добро попроникливо да се загледаме во најблиското, да се увериме дека, за жал, како низ прсти ни протекуваат блесоци и дарови по кои трагаме низ далечни краеви и епохи. Постојано ја пееме онаа замамлива, магична, со надреалистичен отсјај преисполнета малешевска песна за Милкана, на пример, едноставно и бргу минуваме преку нејзината естетска густина, преку смелоста да отскокне од вообичаениот ред и распоред на нештата, да преземе голема реставрација на просторот, на климата, на востановените обичаи, навики и димензии и да ни се обрати со целосно преработена слика на светот за кој се колнеме дека го познаваме.

Таа нè поведува во предел што со нашето искуство го споделува само името на областа, но тоа е всушност сосема изменет, надграден свет. Се сеќавате: таму од три страни греат сонца, а од четвртата сјае месечина. Не е тоа покраина од нашето искуство со светот, тоа е област на сонот, на копнежот, на поткревањето на устоената прекривка врз нискиот духовен хоризонт. Сме имале, значи, исклучително смела, визионерска лирска песна, толку суверена и моќна што како од шега ги преуредува, ги поместува и на свој начин ги организира оловните поими и претстави наши за организација на светот и на годишната доба во него. На ваква размисла ме наведе настапот на поетот Милован Стефановски на една литературна средба, соочувајќи ме со тажното сознание, којзнае по кој пат, дека поради не знам какви ситничави и тажни причини, ние меѓу себе се подгледнуваме одвреме-навреме, како низ некаква копрена, низ густа комуникативна магла.

Ми стана криво и мачно што една луцидна, сложена, алузивна песна на мој колега, која била објавена во периодиката, потоа некоја од неговите збирки песни, па дури и во елитен избор од неговото творештво, јас да ја видам, да ја почувствувам сосема случајно, дека можела сосема да ме одмине, да останеме ние со неа двајцата туѓинци. А тоа е штета, загуба, грев! Јас сакам да бидам блиску до топлината на нашите лирски огништа, зашто навистина може нагло да застуди, да бидеме изложени на неочекуван и тежок провев. Добро е да не се оддалечуваме премногу едни од други. А тоа засега редовно ни се случува. Милован Стефановски веќе со децении е истакнат современ македонски поет, автор на раскази, романи, на забележливи дела од различни жанрови, читан и почитуван автор, толкуван од критиката и наградуван, а еве се покажува дека дури и од мене што настојчиво се загледувам во нашите книжевни вредности, да ми се провлече лирски блесок, песна што е колку убава толку и мудра, колку згусната толку и подмамува со внатрешен волумен.

Оваа песна на Стефановски се појавува пред читателот како огледало што го лови одблесокот на светот, но ги покажува изострено, рафинирано неговите суштински, непоместливи својства, развејувајќи ги на тој начин нашите умислености, нашите жални привиди, заблудата наша за ефектот за кој сме кадарни да дејствуваме. Оваа мудра песна одбира да се усогласи со врховниот ред на нештата во светот, да ги признае и да ги почитува рамките, границите и приоритетите, конечно, да се вгради во непоместливите законитости што го управуваат светот надвор и световите во нас, да ги види во вистинска светлина релациите меѓу човекот и природата и на тој начин да се успокои, да ги присмири во себе големите креативни неспокојства и побуди да се протегне и надвор од сопствените меѓи.

Тоа е лирски извештај за границите човекови, но тоа истовремено е и победа над илузиите, удобно сместување во можното, кое се покажува благословено, зашто е сообразено со капацитетите во кои е втемелена нашата природа. Оваа песна значи големо Да на човечкото и на човечното, пофалба на здржаноста, одмереноста и проверливоста на посегањата, таа истовремено значи и енергично Не на духовната авантура, на престапот и на заблудата. Таа е и исповед, и совет, и извештај за искушенијата што нè подземаат, но и хармонично осмислен и изведен лирски тек, организиран пев што води сметка за симетријата, за распоредот на лексичките единици, за разместување на емотивниот товар со кој ги полни стиховите. Во оваа песна на Стефановски елегантно, плавно, навидум комотно, но беспоговорно се изведува градација на елементите, со тоа што најнапред се поставуваат природните составки, првин конкретните (птицата), потоа флуидните, (утринските и вечерните пеења), за конечно певот да се извиши до метафизичките сфери, до уметноста и до магијата на складноста и неотстапноста на законитостите, на бројката, на математичката неприкосновена област.

Кога веќе го понесува читателот до тие извишени области на духовното, кога оттаму може со голема веројатност да се согледа вистинскиот распоред на енергиите, дејството на законитостите во светот, совршено природно се доживува поентата, заклучокот, мудрата согласност, усогласувањето со великата хармонија и прифаќањето на нашето (скромно) место во големата, таинствена, крајно примамлива претстава. Нека биде! Оваа констатација, оваа согласност, овој стих, овој извик што природно завршува со чуденка, сведочи за посветеноста, за разбирањето на законитостите на поетската уметност, за градацијата, за опализацјата, за вештината да се полни стихот со повеќе слоеви, со пластови од најразлична, честопати и спротивна природа, да остане стамен, да го издржи, да го додржи тој скапоцен асоцијативен строеж.

Секако ќе се забележи дека во тоа извикнато, но истовремено внатрешно силно контролирано и сталожено „нека биде“, истовремено може да се прочита и резигнација, помирување со состојбите, со местото човеково меѓу великите таинства, и голема и тешка жал за крутите граници што нè омеѓуваат, и олесница што сме се усогласиле со сопствените димензии, но и воздржана и притаена среќа што сме сепак внатре, што сме дел од големото нешто, честичка од чудото на егзистенцијата, сеедно колку таа да е непроѕирна и таинствена. Ете, толку можев јас да му реферирам на љубопитниот македонски читател, толку можев да известам за моите радости и творечки, читателски искушенија со убавите, сложени песни со кои нашите поети ја доградуваат современата македонска поезија. Овој пат беше тоа една од замамливите песни на Милован Стефановски, складна, сигурна, едноставна во својата синтаксичка изведба, но со длабок внатрешен хоризонт, а ќе биде добро, ќе биде корисно, чесно и благородно ако и другпат, што почесто ја поткреваме светилката над нашите убави лирски песни. Нека биде така!

Санде Стојчевски