Нашизам: 100 години подоцна

Пред неколку дена еден колега се консултира со мене околу темата на магистерската теза на негова кандидатка. Фрлив поглед и му велам дека тоа нема да мине на Наставничкиот совет: насловот содржеше „Република Македонија“. На државен универзитет не смееме да го користиме тоа име ниту во називите на предметите што ги предаваме, ниту во тезите на нашите студенти, ниту пак ќе смееме да објавуваме книги/учебници што ќе го користат тоа име. Со колегата најдовме „соломонско решение“, па во насловот на тезата ќе стои „македонските граѓани“ наместо „граѓаните на Република Македонија“. Но предизвиците допрва стојат пред нас, а ние ќе треба да го издржиме тестот и да покажеме дали ќе си легнеме на брашното или ќе се бориме против неуставно и насилно наметнатото име. Така, на пример, на конференција во Полска пријавив труд за договорот помеѓу Атина и Скопје, но името на земјата (која ми е туѓа) нема да го спомнам. На беџот, како моја афилијација ќе стои само името на универзитетот и Скопје. Но веќе наредниот семестар ќе треба да го предавам предметот Политички систем, а важечкиот учебник (од 2014 година) го носи и името „Република Македонија“. Далеку од тоа дека сум единствена: многу од предметите и учебниците се со старото име. Дали универзитетот ќе го забрани користењето на учебниците во кои ги анализираме општествените тенденции, системи, феномени културни и социолошко-историски феномени поврзани со Македонија? Или ќе им удриме жиг на последната страница како што сега прават со личните документи („ова е сопственост на Република Северна Македонија“)? Пред нашите очи политичарите, но и други јавни личности, вежбаат да кажат „Се-вер-на“, а тука е будниот цензор да ги опомене ако згрешат. Сѐ позабележително е користењето на атрибутите (македонско општество, македонска држава и сл.) или на фразата „нашата земја“. Што е ова ако не враќање на историскиот нашизам во нова современа форма, стотина години подоцна?

Да потсетам, голем број истражувачи, историографи, патописци и членови на меѓународни комисии (од Карнегиевата натаму) го забележале феноменот на самоидентификација на македонското население преку специфичниот начин на реферирање на самите себе (во споредба со другите). Имено, притиснати најмалку од три истовремени асимилациски политики, кои биле брутални во процесот на „градење нации“ (nation building), локалното население не се осмелувало да одговори на прашањето „Што си ти? Кој си ти?“. За да не бидат санкционирани, најбезбедно било да одговорат „нашинци сме ние, овдешни сме, тукашни сме“. Според Ендру Росос, нашизмот бил облик на македонизмот на масите (интелектуалците и тогаш трагале, лутале и фаќале страни). Сопственото име се шепотело, но и се пренесувало од генерација на генерација. Јазикот, исто така, бил опасна работа: не смеело да се чуе на јавно место, но на него се творело, пеело, пишувало. Како што и сега се прави во Грција и во Бугарија…

До вчера, кога и уставно и фактички бевме Република Македонија, како понижување и непочитување ги примавме обраќањата на белосветските гости и (најчесто) дипломати што бегаа од уставното име како ѓавол од крст, па зборуваа за „јуар кантри“ (вашата земја). Дека хаосот ќе потрае зборува и примерот на еден новозеландски медиум, кој во почетокот на статијата нѐ именува како „бивша Република Северна Македонија“, а на крајот тврди дека сме бивша советска република. Но многу е поважно што се случува овде. Не само што е забрането да се зборува за Република Македонија во јавниот простор туку дури и се фалсификува историјата на орвеловски начин. Така, на 15-годишнината од погибијата на Борис Трајковски, премиерот зборуваше за покојниот претседател на Северна Македонија! Како зел залет, веројатно истото тоа ќе го вергла и за Никола Карев и за Ченто. Она што Грција им го правеше/прави на т.н. Егејци, сега бараат да си го правиме самите себеси во Република Македонија. Дали сме сега сите Егејци? Свесна сум дека губам време опишувајќи позната ама апсурдна состојба, еден процеп во времето, каков што ретко кога се случувал на ваков начин (инаку, далеку сме од уникатни, историјата знае за многу побрутални и крвави начини на бришење нации и истории, па и цивилизации; ние сме тука безначајни за колонијалната свест на светските господари).

Нациите, сите нации (вклучувајќи ги и грчката, и бугарската, и албанската, и македонската – и американската, и француската) се конструкти. Тие не се природни појави, туку се плод на социоисториски и културни околности, но за да опстанат треба да пуштат корења (милом или силом, би рекле Србите). Нашизмот од 19-20 век се трансформирал во македонизам, и тоа е факт за чие остварување придонеле и надворешни, ама првенствено внатрешните фактори. Без волја и желба на еден народ да биде „наш/свој“ и да биде за-едно (заедница), секој инженеринг е осуден на пропаст – или на долготрајни конфликти, кои никому не му носат добро. Проблемот на неуставна, насилна, наметната идентификација доведува до ситуација кога Македонија не само што не е „замислена заедница“ што е истовремено ограничена/дефинирана и суверена (Бенедикт Андерсон) туку е забранета да се сонува и замислува како таква. Се брише и секоја трага од нејзиното постоење во минатото. Затоа, секое спомнување на Република Македонија (како минато, сегашност или иднина) е највидлив облик на бунт и непокор. Она што во минатото го правеле надворешни фактори/власти (кои Македонците ги вклопувале во нивните монолитни национални наративи), сега го спроведува Владата на Северна Македонија. Под закана од санкции… Дури и напишаа упатство како да ги користиме имињата, придавките, кратенките.

Западните држави се пресреќни со ребрендирањето, а и Википедија, најпопуларната интернет-енциклопедија, упатува повик за нова терминологија: „Барање за коментари“ (RFC) за усвојување конвенции за именување поими поврзани со Македонија. Битката (ќе) се води и во интернет-просторот. Но кулата од дипломатски карти е далеку од стабилна. Доволна беше една статија објавена од британскиот сервис (ВВС) за „невидливото малцинство во Грција“ за да се разбрануваат духовите. Сега чекаме двата европски соседа, Грција и Бугарија, да се скараат за тоа чие е невидливото малцинство (што не го признаваат ни едните ни другите, и покрај многубројните меѓународни извештаи и пресуди на Европскиот суд за човекови права). Она што е најстрашно е што македонскиот министер за надворешни работи не го гледа тоа малцинство и тоа јасно го кажа во интервју за грчки ТВ-канал. Станува збор за човек чие семејство потекнува од Егејска Македонија, а кој сега се одрече и од тие што останале таму и од оние што морале да заминат и кои не смеат да се вратат.

Ајде, зборувајте ми за европски вредности! Но самоцензурата кај Македонците не е нова работа. Позната е една епизода од 1977 година, кога на прес-конференција во Белград Глигоров избегнува да одговори на прашањето дали има Македонци во северна Грција. „Политика“ ова го објавува интегрално, и прашањето и ескивирањето на одговорот, но тогашна „Нова Македонија“ овој дел го прескокнува. „Невидливото“ малцинство и денес не е толку невидливо колку што е замолчено (мала утеха е што оние што побрзаа да го поздрават Преспанскиот договор сега се свестуваат дека со билатерален договор нивните малцински права се помножени со нула). Дека агонијата ќе трае долго потврдува и Метју Нимиц. Првиот чекор во менувањето на менталната матрица ќе почне, се разбира, не во механичкото менување на документите, туку во училиштата со инвалидизирани историски читанки (велам инвалидизирани затоа што се резултат на замешателство на многу бабици, бугарски и грчки). Децата ќе бидат изложени на (нова) асимилација и ќе го минуваат процесот на индоктринација (не само во поглед на името туку и на другите „вредности“, како НАТО, неолиберализам, милитаризам итн.). Ќе им се повтори онаа шизофрена ситуација низ која минуваа многу генерации во бившата Југославија, кои на училиште слушаа една, а дома друга историја. Но имаме ли друг избор освен враќање кон она што колегата Гоце Андревски го именува како „стратегија на колективно пренебрегнување“? Тоа е стратегија на игнорирање, заобиколување, презирање на името што почнува на „С“. Почесно е да се зборува во шифри и завиена форма (нашата/мојата/твојата земја), отколку да се прифатат диктат и контрола на слободата на мислата, говорот и самосвеста. Похрабро е, сепак, ако тоа се прави организирано и гласно, секогаш и секаде каде што е можно. Тоа не е самоизолација и бегање во виртуелен свет, туку активен отпор кон насилна асимилација и бришење на меморијата. Андревски е сосема во право: Северна е збор на стигма, која ќе се отстрани веднаш штом околностите (историски и институционални) ќе го дозволат тоа. Дотогаш треба само да се опстои и остане свој/наш.