Трансфер на умот, емулација на целиот мозок или копирање на умот се поимите со кои се објаснува хипотетички футуристички процес на скенирање на менталната состојба, вклучувајќи ги и долгорочната меморија од мозокот и копирањето на компјутер.

Последните истражувања поттикнаа дел од научната јавност и моќни инвеститори да продолжат да инвестираат за да ги развиваат новите технологии што може да овозможат трансфер на информациите директно од мозокот. Овие футуристички концепти досега постојат само во научна фантастика. Добар пример е научнофантастичната серија „Алтерд карбон“. Во неа се прикажува чип што се вградува во горните пршлени од вратот на човекот при мала возраст. Овој чип го снима целото искуство и на него се складираат мемориите од животот на човекот. При смрт, овој чип може да се вгради во друго тело и со тоа свесноста на индивидуата да продолжи да живее. Исто така, доколку овој чип се уништи, прекинува да постои и личноста во него.

Од неодамна научниците развија нов „квантен материјал“, кој наскоро би можел да овозможи директен пренос на информациите од човечкиот мозок на компјутер. Иако истражувањето е сè уште во рана фаза, тие сепак ја промовираат идејата за преземање податоци од мозокот и пренесување на клауд-сервисите. Новиот квантен материјал „решетките од никелат“, претставен во истражувањето објавено во последното издание на списанието „Нејчр комуникејшнс“, научниците веруваат дека може директно да ги преведе електрохемиските сигнали на мозокот во електрична активност што би можела да ја толкува компјутерот.

– Со сигурност можеме да кажеме дека овој материјал е потенцијална можност за изградба на компјутерска направа што би складирала и пренесувала сеќавања – изјави за блогерот Шрирам Раманатан, инженер на универзитетот „Пјурдју“.
Во сегашната состојба, новиот материјал може да ја открие само активноста на некои невротрансмитери, така што сè уште не е можно да се пренесе искуството од целиот мозок или нешто слично. Но ако технологијата се подобри, истражувачите претпоставуваат дека таа може потенцијално да се користи за откривање невролошки заболувања или можеби дури и зачувување на сеќавања.

– Замислете поставување електронски уред во мозокот, така што кога природните функции на мозокот ќе почнат да се влошуваат, лицето сè уште ќе може да ги поврати сеќавањата од тој уред – вели Раманатан.

Сличен подвиг сака да направи и Елон Маск. Неговиот проект го нарекува „Неуралинк“, со кој би можеле директно да ги поврземе мозоците и компјутерите. Принципот на работа за овој концепт е вметнување илјадници електрични сонди во мозок, чија намера ќе биде да ги читаат информациите од него. Овој проект се предвидува да започне со тестирање на технологијата врз луѓето во 2020 година. Малиот компјутерски чип има ултрафини електроди, кои се зашиени во мозокот на човекот. Ако оваа технологија работи, ќе ги прима сигналите од целиот мозок и ќе може да ги преведува во код со кој ќе може да се контролира компјутер или други активности, како на пример да им се помогне на слепите да гледаат. Досега оваа футуристичка технологија е тестирана само кај стаорци и примати, но Маск се надева дека ќе го тестира на човечки пациент до крајот на следната година.

– На крајот би сакал да можеме да направиме целосен интерфејс на машината, кој може да се контролира со мозокот, и да постигнеме еден вид симбиоза со вештачката интелигенција – вели Муск.

Технологијата за интерфејс помеѓу машина и мозок активно се истражува во лабораториите на неговите компетитори, но голем дел од нив е загрижен дека инвазивниот метод на „Неуралинк“ е ризичен.