Конгресот на американската сојузна држава Флорида усвои закон со кој им се дозволува на наставниците да носат оружје во училниците. Законот е усвоен како мерка за спречување ситуации како што беше смртоносната престрелка во средното училиште во Паркленд во 2018 година, пренесуваат американските медиуми.

Претставничкиот дом на Флорида, во кој мнозинството го имаат републиканците, го поддржа предлог-законот со 65 гласа „за“, додека, пак, 47 конгресмени гласале против. Според Асошиејтед прес, се очекува републиканскиот гувернер Рон де Сантис да го потпише предлог-законот.

Новата мерка ќе им овозможи на училиштата да учествуваат во волонтерската програма „Заштитник“, преку која ќе можат да им обезбедат оружје на оние наставници што ќе ја завршат обуката во траење од 144 часа и ако тоа го одобрат нивните локални училишни одбори. Наставниците што сакаат да носат оружје ќе мора да поминат обука со полицијата и да добијат позитивна психолошка процена.