Според најновите истражувања, планетата Сатурн со голема брзина ги губи прстените, по кои е најпрепознатлива во Сончевиот Систем. Научниците тврдат дека за 300 милиони години прстените ќе исчезнат во целост

Според најновите истражувања, планетата Сатурн со голема брзина ги губи своите прстени, објави НАСА. Резултатите од истражувањето се темелат на најновите набљудувања, но и на извештаите на вселенските летала „Војаџер 1 и 2“, со чија помош научниците пред десетина години ја процениле просечната брзина на создавањето на прстените.
Тие, главно, се состојат од парчиња мраз со различна големина – некои се микроскопски како прашина, а некои се со големина од неколку метри, а исчезнуваат бидејќи Сатурн со својата гравитација ги привлекува кон себе. Тие се спуштаат кон планетата во вид на дожд од ледени честички, што кон себе го влече магнетното поле на Сатурн.

– Проценивме дека со тој „дожд од прстените“ за половина час би можел да се наполни еден олимписки базен – изјави физичарот Џејмс О Доноги од НАСА.

Според неговите зборови, ако се земе предвид само тој дожд, прстените за 300 милиони години ќе исчезнат во целост.

Научниците сѐ уште не се сигурни дали Сатурн од самиот почеток имал прстени или тие се создадени во подоцнежна фаза, а најновото истражување говори во прилог на споменатата теорија, па можно е тие да се постари до 100 милиони години.

– Имаме среќа да посведичиме за прекрасните прстени што го опкружуваат Сатурн. Но ако се краткотрајни, има можност да сме ги пропуштиле впечатливите прстени околу Јупитер, Уран и Нептун, со оглед на тоа дека тие денес се едвај видливи околу планетите – вели Доноги.

Како што се наведува, доколку прстените се создадени во подоцнежната фаза на создавањето на планетата, можно е да се формирале при судирот на малите ледени сателити во орбитата на Јупитер – веројатно затоа што орбитите им ги нарушиле вселенските објекти во транзиција, како астероиди и комети.

Стручњаците на НАСА имаат намера уште извесно време да го следат намалувањето на прстените и да видат дали тие минуваат низ сезонски промени. Инаку, Сатурн во 2094 година треба да направи круг околу Сонцето, па во текот на ова негово патување прстените на различни нивоа се изложени на неговото влијание.

Сатурн ги збунува научниците уште од времето на италијанскиот астроном и физичар Галилео Галилеј (1564- 1642), кој открил дека планетата „не е сама“, откако го забележал космичкиот венец од лед.

На научниците на НАСА, 400 години по откритието на Галилео, за анализа на состојбата информации им испраќа вселенското летало „Касини“, кое цели 13 години кружеше околу Сатурн.

Најновите откритија, објавени неодамна во една научна студија, одговараат на фундаменталното прашање колку елементи всушност се наоѓаат во самите прстени. Исто така, процените за масата на прстените со децении многу се разликуваат.

Во своите последни маневри, „Касини“ се движеше во прстените на Сатурн и надвор од нив. Вселенското летало беше „збунето“ од гравитацијата, како и од силните ветрови што произлегоа од длабочината на атмосферата на планетата. Научниците ги користеле податоците произведени од овие ефекти за да ја пресметаат масата на прстените. Тие велат дека таа е околу 40 проценти од онаа на Мимас, месечината на Сатурн, која е околу 2.000 пати помала од Земјата. Во земни услови, прстените се околу половина од масата на целиот антарктички мраз, кој се протега на површина 80 пати поголема од онаа на Земјата.

– Тоа е најточна мерка на прстените на Сатурн – вели Бони Бурати, научник во Лабораторијата на НАСА, кој бил ангажиран во мисијата на „Касини“.