НАПРЕД НАШИ!

Билдањето на емоцијата е многу важно – навивачките и партиски химни, слоганите, легендите, хероите, спасителите… – одржувањето на племенската еуфорија се подгрева како што се ближат натпреварот и изборите. Кај навивачите и кај гласачите, емоцијата го преовладува разумот. Особено убедливо за време на натпреварот и изборите.

Противникот е неопходен! Без него не би функционирала примарната задача на фудбалскиот тим и на партијата – да се победи противникот, да се принуди да падне на колена. Меѓу навивачката и гласачката толпа се издвојуваат најгласните, најборбените, најбруталните – во специјални одреди, на кои, со тивко аминување на раководството, им е дозволено да бидат насилни – да навредуваат, ако треба, и да тепаат, дејства што инаку се казниви на теренот или во собраниската сала. Мачо-бандите се ударни теренски екипи, гласни и опасни што влеваат неспокојство и страв кај противничките навивачи и гласачи, тоа што многумина од нив се деликвенти само ја осилува нивната закана.

Во бестиариумот и на двете армии, наспроти возвишеното се протнува валканото – се крие, иако е задолжително: местење натпревари – местење избори, уценувања, поткуп на судии. Парите се исклучително важни и за едните и за другите – спонзори, сопственици странски бизнисмени, менаџери за купување и препродажба на играчи… – сумите што се вртат во политиката и во фудбалот се вртоглави!

Ако го набљудуваме навивачкото лудило, веднаш се забележува очигледен вишок на анималното. Но зад него стојат пресметките на големите, често невидливи играчи, разработени со студена глава. Харизмата на политичкиот лидер, центарфорот, тренерот е хранета и пумпана за планирана добивка. За успех!

И тогаш… Во периодот на успехот, бројот на навивачите како и на партиски книшки, расте. Шампионскиот успех се слави триумфално, на плоштадите, во кафеаните, во домовите. Да не се сведе овој коментар на вулгарно социолошка оцена, мора да се истакне дека радоста при политичкиот или фудбалски триумф не само што ги солидаризира и зближува истомислениците, туку е судбински настан во животите на голем број поединци, посветени на остварување политичка идеја, во која ги вградиле сопствените судови и вредности или на освојувањето на титулата на својот неизмерно сакан фудбалски клуб. Несомнено е дека политиката и спортот имаат важно место во животот на граѓанинот – homo politicus и homo sportikus – и му го исполнуваат времето со нагласени енергии.

Што се однесува до моето лично искуство, со политиката сум имал извесни, поголеми и помали, недоразбирања. Но кој граѓанин на овој простор и на моја возраст, бил (е) безбеден од нејзините манипулации и каприци? За спортот, пак, сум умерен, што се однесува до физичката активност, сега сведена на пинг-понг и бадмингтон, до мошне загреан, како ТВ-гледач на турнири во тенис и фудбалски дербија. Кога ќе ги соберам часовите и деновите потрошени на политиката и спортот, на овие две доминантни „дисциплини“ на современиот човек, не можам да не помислам дека некогаш сум можел да ги искористам на подобар начин. Но пред екраните на компјутерот и телевизорот повторно ќе се залепам за дебатната емисија или преносот на „ел класико“ – Реал – Барселона.

Можеби затоа постојат филозофи, писатели, уметници и слични „подземни“, „чукнати“ поединци. Од кои многумина не бегаат од навивањето. Но затоа умеат да нѐ замислат, да нѐ предупредат, да ѝ се потсмевнат на бруталната, агресивна страна на нашата човечка природа.