Претставничкиот дом на парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина ја усвои иницијативата со која нападите на новинарите се третираат како напади на службени лица.

Федералните пратеници на вчерашната седница се изјасниле за иницијативата на пратеникот од СДП, Сенаид Бегиќ, кој предложи измена на Казнениот закон на ФБиХ и наведениот член да се додаде на казненото законодавство, пренесува Кликс.ба.
Откако пратениците прво ја одбија оваа иницијатива, пратеникот на СДП, Дамир Машиќ, изјави дека пратениците се сведоци дека новинарите се изложени на нападите од насилни поединци кои се поврзани со политичките партии. Поради ова, Машиќ побара поединечно изјаснување за да се утврди која политичка опција е против оваа иницијатива.

По поединечното гласање предлогот сепак беше прифатен со 54 гласа „за“. Поддршка на иницијативата дадоа пратеничките клубови на СДП, СББ, ДФ и Наша партија, додека пратениците од СДА и ХДЗ беа поделени.