Манифестацијата „Ѕвездено небо за Тоше“, која во изминатите девет години со многу љубов и ентузијазам ја организираа членовите на клубот на обожаватели на Проески, годинава нема да се одржи поради организацијата на големиот концерт во СРЦ „Борис Трајковски“, кој е закажан за 2 ноември, потврдија од фондацијата „Тодор Проески“.

– Првично концертот требаше да се одржи на 13 октомври, но е откажан поради технички причини. Поради тоа мораме повторно да се договараме со балканските пејачи за новиот датум, но повеќето од нив го потврдија своето доаѓање, а меѓу нив се: Аки Рахимовски, Борис Новковиќ, Ања Рупел, Јелена Томашевиќ… – велат од фондацијата.

На концертот ќе биде промовиран и албумот „Secret place“ со нови, досега необјавени песни од Тоше Проески. Материјалот се работеше во студиото на познатиот англиски продуцент Енди Рајт, автор на хитовите од претходниот албум на англиски јазик на Тоше „The Hardest Thing“. Организаторите наскоро ќе објават и детали за продажбата на влезниците за кои, како што велат, цената ќе биде прифатлива поради тоа што настанот има хуманитарен карактер.