Причината за намалувањето на бројот на заинтересираните лица за служење професионална војска не се ограничувачките фактори за старосната граница или другите услови, велат од ресорното министерство на БиХ

Во последните три години на конкурсите за прием на професионален воен кадар во одбранбените сили на Босна и Херцеговина забележан е опаѓачки тренд на бројот на пријавите. Сепак, од Министерството за одбрана се задоволни од одѕивот на кандидатите, а нивниот број изнесува околу 6.000. Причината за намалувањето на бројот на заинтересираните лица за служење професионална војска не се ограничувачките фактори за старосната граница или другите услови, велат од ресорното министерство. Во последните три години распишани се три јавни огласи за прием на војници и три јавни конкурси за прием на офицери во вооружените сили на БиХ, додека ангажирањето подофицерски кадар се врши со интерни огласи од постојниот состав. Како една од поважната причина за намалувањето на пријавите за работа се подобрите услови што се нудат кај другите работодавци, пренесува порталот „Кликс“.

– Истата состојба и конкурсни услови беа и во минатите години, кога одѕивот беше поголем. Сметаме дека невработените лица сега имаат поголема можност за вработување во другите сектори, како во земјата така и во странство – велат од Министерството за одбрана на БиХ. Припадниците на вооружените сили на БиХ ја делат истата судбина како сите граѓани и другите институции во земјата, кои зависат од општата економско-политичка состојба во државата.

– Сигурно дека условите за работа и живот во вооружените сили на БиХ можат да бидат и подобри. Меѓутоа, за подобрување на општата состојба потребно е ангажман на повисоко ниво, а не само во Министерството за одбрана, кое има планови за подобрување на стандардот и условите за работа на воените лица. Тие се лимитирани од буџетските средства. И покрај објективните тешкотии Министерството за одбрана успеваат да обезбедат основни услови за нормална работа и живот во вооружените сили на БиХ – тврдат од Министерството. Во соработка со британската амбасада и со НАТО, во Сараево се води континуирана медиумска кампања и промоција за воениот позив за да се анимираат граѓаните да се пријават за воената служба. На негативната перцепција за овој позив влијаат информациите дека војниците јадат стари резерви конзервирана храна, која е на крајот на рокот на употреба.

Исто така, речиси 300 војници пред две години побараа раскинување на договорот поради лошите услови за работа. Тогаш, некои соговорници на порталот изјавија дека тие биле ангажирани без дневници, превоз и без топол оброк кога биле ангажирани на стража. Имаше забелешки и на застарената опрема и возила, како и на пресметувањето на коефициентите во распон од 1,12 до 8, а за ангажирањето на стража не добивале никаков надомест. Како еден од клучните проблеми незадоволните воени лица го истакнаа стекнувањето подофицерски чин што гарантира трајно вработување во вооружените сили БиХ по навршување на 35-годишна старост.

Од лани поднесен е предлог за измена на максималната должина на траењето на воената служба до навршени 40 години. Во наредните десет години за опремување на војската треба да се вложат 500 милиони конвертибилни марки, а само за годинава се неопходни 65 милиони конвертибилни марки за модернизација на војската и опремата. Ова значи набавка на нови хеликоптери, транспортери и друго оружје и опрема.