По повод одбележувањето 25 успешни години на „Авалон“, првиот човек на продукцијата, Бобан Милошески, вели дека многу се работело во изминатите 25 години, понекогаш се грешело, но сепак ништо не би сменил – од првата резервација за три концерти на ЕКВ досега. Изработен е и краток филм за одбележување на јубилејот, со потсетување на серијата концерти на Каролина Гочева во МОБ во февруари, мартовскиот концерт на групата „Тото“ во „Борис Трајковски“, неодамнешната средба на Јосипа Лисац со скопската публика… Следуваат гостување на Ѓорѓе Балашевиќ на 19 мај и отворен концерт на Владо Јаневски на 1 јуни на стадионот на АРМ, потоа „Скопје колинг“ и „Охрид колинг“ со познати светски имиња, па концертот на Брајан Фери во МОБ на 9 септември и на легендарните „Џетро Тал“ на 16 октомври во СРЦ „Кале“. Имињата на уште неколку големи музички ѕвезди сѐ уште не се откриваат.

– Сите овие изминати 25 години се бориме со невозможното, но веруваме дека имаме мисија, особено во овој период, да ја вратиме нашата земјата во нормала и не се предаваме. Бевме во дилема дали јубилејот да го одбележиме работно или не, но се решивме тоа да биде со 25 настани. Работиме деноноќно и веруваме дека сѐ што испланиравме ќе се реализира – вели Милошески.
Тој дополни дека нема да бидат заборавени ниту домашните ѕвезди.
– Од првиот ден со нас е Каролина Гочева пред која се уште серија концерти низ земјава, тука се сега и Владо Јаневски, кој го подготвува својот најголем концерт досега на отворено и групата „Нокаут“, со чии членови пред 20 години го наполнивме „Кале“. Наши ексклузивци се и момците од „Фанк шуи“, кои звучат навистина светски, а се надеваме дека и групата „Ареа“ ќе одлучи да сними нешто ново по подолго време и ќе ја обновиме соработката – рече Бобан.
Како дел од семејството „Авалон“, Каролина Гочева рече дека пораснала со нив и дека ѝ се како семејство.
На прашањето кој концерт му е посебен, Бобан го издвои гостувањето на „Фејтлес“, кое кај него предизвикало голем психолошки притисок бидејќи имало големи проблеми со озвучувањето.

– Траумите некако ги залечив со успешниот концерт на „Продиџи“. Инаку секој концерт има своја посебна приказна и секој е по нешто посебен – рече Милошески.
„Авалон“ е основан по осамостојувањето на Македонија со концерти во МКЦ.
– Се грижевме за кариерите на најдобрите претставници на македонската естрада, потоа почнавме да работиме со балкански, па и со светски имиња. Едноставно го живееме нашиот сон – вели првиот човек на продукцијата.
Во изминатите 25 години издадени се 35 музички изданија на регионални изведувачи, но и странски лиценцирани изданија. Меѓу ексклузивците на „Авалон“ се: „Леб и сол“, Тоше Проески, Каролина Гочева, Влатко Стефановски, „Мизар“ и многу други. Но пред сѐ „Авалон“ е промотерска куќа, чија основна дејност е организирање концерти и е една од најуспешните на Балканот. Продукцијата само во изминатите осум години организирала настапи на повеќе од 300 светски и регионални изведувачи за публика од над 700.000 посетители во четири земји во регионот, со користење највисоки стандарди во реализација на настаните.