Еден од основните услови за стекнување на статусот бранител е барателот да докаже дека за време на татковинската војна бил ангажиран најмалку сто дена

Хрватска по 24 години од завршување на војната добила нови 1.687 бранители, што им го овозможи новиот закон за бранители. Крајниот рок за утврдување на статусот на бранители беше 2009 година, но со измените на законот беше одолжен. По сѐ изгледа бројот на хрватските бранители ќе се зголеми, бидејќи до Министерството за одбрана и до Министерството за внатрешни работи има доставено 10.600 барања што чекаат одобрување статус на бранители. Од нив, биле разгледани 3.470, од кои 47,3 отсто биле со признавање на статусот на бранители. 

Новиот закон за бранители стапи во сила во 2018 година и со него беше симната старосната граница за стекнување на бранителите со старосна пензија. Со овој статус лицата имаат право и на минимално загарантирана пензија, која е поголема од таа на другите граѓани со исто години на стаж и на возраст, пишува „Нови лист“.
Поранешниот министер Томислав Медвед го затвори списокот на бранители на бројката од 505.694 регистрирани лица што добиваат повластени пензии. Со новите бранители нивниот број достигна 507.381, со тенденција тој број постојано да се зголемува. Признавањето на статусот бранител носи и поволности во здравството, признавање на правото на воен инвалид, право на порано заминување во пензија и поповолна пензија.

Новиот закон предвидува со статусот на бранители, покрај војниците од Оружените сили на Република Хрватска, да се стекнат и припадниците на Одредот на народната гарда, хрватската војска, припадници на министерствата за одбрана и на полицијата, на Хрватските одбранбени сили, како и членовите на Народната заштита, доколку биле ангажирани најмалку 100 дена во период од 30 јуни 1991 до 31 декември 1991 година.

Граѓаните што се стекнале со овој статус, покрај претходните погодности, можат да имаат и предност при вработувањето, а во случај на невработеност имаат право и на посебен надомест.


Со референдум против подоцнежно пензионирање

Денеска на полноќ граѓанското движење „Иницијатива 67 е премногу“ ќе заврши со собирањето потписи за одржување референдум за измена на Законот за пензиско осигурување, со кој се предвидува продолжување на работниот стаж до 67-годишна возраст.
Од Хрватскиот завод за пензиско осигурување се противат на барањето за враќање на старосната граница за заминување во пензија со навршени 65 години и за намалување на казните за предвремено пензионирање. Во случај да успее референдумот, од државниот буџет би требало да се исплатуваат дополнителни 45 милијарди куни до 2040 година, за да може да биде одржлив пензискиот систем во Хрватска.
Зголемувањето на старосната граница за пензионирање се базира на извештаите за стареењето на населението во Европската Унија, со кои се прават долгорочни проекции за демократските финансиски движења во пензискиот систем на одделните држави.