(Славе Ѓорѓо Димоски, „Кумова слама“, издавачки центар „Три“, Скопје, 2018)

Од значење е што првото признание со името на Анте Поповски го доби токму Славе Ѓорѓо Димоски, поет чие присуство во современата македонска литература обележува една сјајна книжевна врвица, препознаена уште од самите почетоци и првите објави на овој наш исклучителен поет. Со задоволство сум ги очекувал неговите лирски збирки и со посветеност сум ги коментирал нивните уметнички стојности. Неговата најнова, наградена книга, носи богато асоцијативен, слоевит, надахнато лирски наслов. Песните што ја сочинуваат неа наидуваат како непрекината лирска струја, во кратки, ефектни целости, насочени навидум спрема хоризонтите и спрема меридијаните, а всушност водат навнатре, спрема ехото од надворешните патувања и настани. Со други зборови, тие се беспрекорна илустрација на она општо место во критиката кога се вели дека патувањето во просторот е всушност влез во времето, во минатото, во историските пластови и зони. Да ја споменеме песната „Солунско Поле“, на пример, која со насловот нè повикува во конкретен географски предел, а наеднаш нè воведува во сеќавањата на една личност, во една виртуелна, митска временска отсечка, во сонот на прадедото. Уште повеќе, во овие стихови атмосферата се подига уште повисоко, текстот го подзема географскиот предел и го сели во сферата на одблесокот што го зрачат просторот и времето, па текстот како уметнички израз се пресипува во ликовен, визуелен облик, (Солунското Поле), ги напушта областите на песната и се прибира во цртеж, во скица, во извесна стенографија на меморијата.

„нацртај ми го солунското поле
онакво како во сонот на дедо ми
кога одел по трговија во Стамбол“
Сеедно дали станува збор за Солунското Поле, за Париз, за Мексико, за Поречието или за неговото Велестово, Димоски концентрирано ги чита сигналите на пределот и на демонстрациите на природата, полнејќи ги своите песни со тој немушт, таинствен, свет јазик на кој нештата се обидуваат да воспостават некаква длабинска комуникација со нас. Сето окружје бара начини за да се огласи, да се покаже, да си ги открие макар елементарните, одвај подзатскриени својства. Во Ерусалим, на пример, секој камен, секој ѕид мрмори, раскажува и пее, ја зрачи меморијата на слоевитите историски настани, а исто така испраќа и сигнали, всушност шифри, на околната растителност на која наидуваме на крајот на патот.

Дека ваквото концентрирано вслушување и загледување во навидум индиферентните нешта што нè опкружуваат не е инцидентно или спорадично, дека не е резултат на случајни забележувања, туку втемелен житејски и творечки став на авторот, се потврдува речиси во сите песни. „Минуваме низ звуци: мали и светливи“, потсетува поетот, а тоа бездруго значи да се гледа и да се слуша со крајна почит и внимание, а особено да се одбираат зборовите со кои им се обраќаме, со кои ги опишуваме нештата:
„одбирај зборови кога ѝ се обраќаш на реката
одбирај зборови кога ѝ се обраќаш на планината…
одбирај зборови бидејќи реката и планината
не те гледаат онака како што ги гледаш ти
туку само те чувствуваат во својот исконски мир“
Станува јасно дека овој лирски говор на Димоски сведочи, преку поткренат, осветлен, озвучен лирски трепет (впрочем, нели прочитавме дека „трепери и широкото солунско поле“), за темелната интеракција меѓу човекот и околината, дека се тие во апсолутно единство и целосно се проткајуваат, па како што лирското јас во овие песни го регистрира пулсот на сè околу себе, така и нештата возвраќаат на ист начин, ја впиваат во себе емотивната ведрина или душевната драматичност на луѓето, и додека тие слават („Водици, 18.1.2014“), гледајте, Ене го езерото, лета, озарено! Ваквото осветлување на сеопштото единство е цврста арматура на овие песни на Славе Ѓорѓо Димоски и затоа тој со право, низ песна, може да ни се довери:
„Само шумот на лисјето
на зеленото
го чува моето срце
младо“.

Санде Стојчевски