Двајца млади пијанисти од класата на професорката Христина Никоска, кои го посетуваат основното музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп, се закитија со награди на меѓународниот натпревар насловен „Полихимнија“, кој се одржа неодамна во Скопје. Tалентираниот и надежен пијанист Арсениј Ангелески, кој редовно постигнува највисоки резултати на нашите, но и на меѓународните сцени, настапи со композиции од Бах, Клементи и Шостакович и беше рангиран на првото место.

А, младата пијанистка Катерина Николоска, која првпат учествуваше на натпреварот, се претстави со композиции од Бах и Хајдн и го освои третото место. Нивните настапи беа оценувани од интернационална комисија, составена од реномирани професори и пијанисти од Германија, Хрватска и од Србија. – Овие успеси на нашите млади музичари се од големо значење за нашето училиште и за поттикнувањето на младите таленти да свират пијано – вели професорката Христина Никоска.