На 19-та интернационална средба на млади уметници од Европа, која неодамна се одржа во Португалија, детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола го претставуваше ученичката Ангела Каранфилова (17). Ја придружуваше менторката Елена Хаџи Антонова.

– Оваа ликовна колонија е направена по теркот и идејата на „Малиот битолски Монмартр“. Организаторот од Португалија првпат пред 20 години беше во Битола, како учесник на фестивалот, и одлучи слична манифестација да организира и во Португалија. Годинава на натпреварот учествуваа 10 екипи од светот, кои ја сликаа тамошната архитектура. Нашата претставничка Ангела Каранфилова првото за учество на колонијата го стекна со освоениот златен медал на истата колонија минатата година – ни рече Елена Хаџи Антонова.

Инаку, за време на седумдневниот престој во Португалија, Ангела Каранфилова достојно ги претстави Битола и Македонија и освои награда за најдобар индивидуален цртеж. Ваква награда им беше доделена само на пет учесници од вкупно 50 деца.
Ова не ѝ е прва награда на Ангела Каранфилова годинава. Таа и на Ликовната колонија во Романија, која се одржа во јули, доби златен медал за најдобро ликовно дело.