Ларс фон Трир официјално повеќе не е персона нон грата во Кан. Селекторот и уметнички директор на фестивалот, Тјери Фремо, потврди дека новиот филм на данскиот режисер „Куќата што ја изгради Џек“ ќе има светска премиера на Коразета, надвор од натпреварувачката програма.

Тоа ќе биде триумфално враќање на Данецот по седум години, кога поради афирмативните изјави за Хитлер изговорени на конференција за медиуми по повод премиерата на филмот „Меланхолија“ беше прогонет од Канскиот фестивал.
„Куќата што ја изгради Џек“, според Трир, е потврда на идејата дека „животот е зол и бездушен“ и го следи серискиот убиец (Мет Дилан) во текот на 1970-тите години низ неговите пет злосторства. Жртвите на Џек ги играат: Ума Турман, Шевлон Фалон Хоган, Софи Грабол и Рајли Киоу.

Одлуката на Канскиот фестивал да му дозволи на Фон Трир враќање е донесена и покрај тоа што Бјорк во октомври потврди дека режисерот сексуално ја злоупотребувал на снимањето на филмот „Танчарка во темнината“. Тој го демантираше ова, но изјави дека тие двајцата дефинитивно не биле пријатели зад камерата.
Овој дански режисер е познат по филмовите „Европа“ (1991.), „Спроти брановите“ (1996 г.), „Танчарка во темнината“ (2000 г.) Негова заслуга е што скандинавската кинематографија си го доби заслуженото место, а неговиот интензивен страв од летање само го осигури неговиот став дека никогаш нема да премине во Холивуд.