Τочно пред еден век Марсел Дишан (во 1919 година) и доцртал мустаќи на Мона Лиза

Во текот на 20 век во македонската ликовна уметност се создадени низа впечатливи портрети на „мустаќлии“. На изложба ќе бидат претставени педесетина од богатата колекција на Националната галерија на Македонија, реализирани во различни ликовни техники

Културните институции го одбележуваат „Мовембар“

„Мустаќлии“ е насловот на изложбата со дела од колекцијата на Националната галерија на Македонија, која ќе биде отворена на 14 ноември во 20 часот во „Мала станица“, по повод месецот ноември, или во контекст на месецот на издигнување на свеста за машкото здравје и глобалната кампања на пуштање мустаќи кај мажите, „Мовембар“.
– Оваа изложба е првото издание на проектот „Од поинаков дискурс“, кој има цел да вклучи интелектуалци чија дејност не е тесно врзана со ликовната уметност, критика и теорија, кои во соработка со кокуратор од галеријата ќе работат на некоја тематика што ја задаваат, а е инспирирана од богатата колекција на Националната галерија, со намера од поинаков дискурс да се пристапи кон толкување, систематизација и истражување на нашето културно благо – велат од НГМ.
За првото издание тие го поканија Владимир Мартиновски, професор, поет, писател, есеист, раскажувач, теоретичар, книжевен преведувач, кој ја предложи темата „Мустаќлии“, а негова кокураторка е вишата кустоска Ана Франговска.

– Кога точно пред еден век Марсел Дишан (во 1919 година) ѝ доцртал мустаќи на Мона Лиза, покрај субверзивната пресметка со традицијата, тој ни оставил визуелно потсетување колку навидум „малите“ ликовни интервенции на лицето можат да го променат „личниот опис“ (а со тоа и идентитетот) на насликаниот модел. Во детството ретко кој не им цртал или доцртувал мустаќи на ликовите од фотографиите од старите весници: само со неколку потези со моливот или пенкалото, само со повлекување неколку линии т.е. влакна, за миг излегува сосема нов лик – вели Мартиновски за темата.

Според него, таа миговна метаморфоза ни покажува дека мустаќите не се само „грст влакна над горната усна“ или „коса на лицето“, како што неретко се дефинираат, туку се визуелен знак, симбол, па затоа воопшто не се за потценување кога зборуваме за нивното присуство (или отсуство) во портретната уметност од нејзините почетоци до денес.
– Постоеле епохи во кои мустаќите биле клучен визуелен знак за машкоста, храброста, јунаштвото… Иако денес само во ноември дел од мажите пуштаат мустаќи како видлива поддршка на глобалната кампања за издигнување на свеста за машкото здравје, до средината на минатиот век неретко се велело: „Маж без мустаќи не е маж“. Во текот на 20 век во македонската ликовна уметност се создадени низа впечатливи портрети на „мустаќлии“. Преку избор од педесетина портрети на мажи со мустаќи од богатата колекција на Националната галерија на Македонија, реализирани во различни ликовни техники, изложбата „Мустаќлии“ има цел да загатне низа естетски, семиотички, антрополошки, социолошки, културолошки и родови аспекти на овој феномен – вели Мартиновски.

По истиот повод и Кинотеката на Македонија се вклучува со циклус филмови.
– Последниве години веќе стана традиција мажите во месец ноември да пуштаат мустаќи, зголемувајќи ја на тој начин свесноста за превенција од болестите на машките полови органи. Ние, пак, се држиме до старото добро правило да пуштаме добри филмови: и тоа, на многу начини, е свесност дека размислувањето со главата (хммм, да речеме, која било) не е непотребна. Напротив! Иако претходните редови изгледаат мачистички, поентата не беше да се истакнува некое мажествено гледање филмови и на другите работи во животот. Ноемвриската филмска програма на кинотеката е побогата од кога било, и има десетина филмски бисери што го рушат стереотипот за исклучивото машко гледање на жените и другите работи во животот. Би рекле, нов месец во календарот на културните случувања, „Филммебер“ – вели Стојан Синадинов од кинотеката.

Ноемвриската програма на кинотеката нуди десет филма на славниот полски режисер Кшиштоф Кјешловски, кои ќе бидат прикажани во рамките на „Неделата на полскиот филм: Светот на Кшиштоф Кјешловски“ од 25 ноември до 4 декември.
Од неговата рана полска фаза, кога го инкорпорира документаризмот во играниот филм, па сè до неговите последни три интернационални проекти (главно во француска продукција), познатата трилогија „Три бои“ (Сино; Бело; Црвено – како боите на француското знаме), двата долгометражни играни филма, кои произлегоа од неговата ТВ-серија „Декалог“: „Краток филм за убивањето“ и „Краток филм за љубовта“. Тука е и „Двојниот живот на Вероника“ – филм што ја интернационализира неговата успешна кариера. Смртта го спречи Кјешловски да реализира уште еден долгометражен игран филм од „Декалог“ – „Краткиот филм за љубомората“, како и трилогија со темата за пеколот, чистилиштето и рајот.

На програмата за ноември се и филмови на Милчо Манчевски по повод 25 години од успехот на неговиот филм „Пред дождот“ во Венеција и за неговиот 60-ти роденден. Филмофилите ќе имаат можност да ги видат „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ на 35-милиметарска филмска лента, како и претпоследниот негов филм „Бикини Мун“ снимен пред две години.

Ноември во кинотеката нуди и Ретроспектива на фестивалот на дебитантски играни филмови „Киненова 2019“, преку проекциите на наградените филмови на годинашното издание. Мини-програмата со германски филмови по повод денот на обединувањето донесува три одлични наслови: „Збогум Ленин!“ на Волфганг Бекер, „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс и горчливата комедија „Улицата Борнхолмер“ на Кристијан Швохоу. Од 21 ноември во кинотеката ќе има и „Недела на шпанскиот филм“ со програма што ќе опфати филмови од класичното дело на Фернандо Фернан Гомез – „Животот продолжува“ до остварувања од поновата продукција.